„Лена и Владимир" освои две награди на Меѓународниот филмски фестивал „WorldFest-Houston“
- Македонскиот филм „Лена и Владимир" освои две Златни Реми награди на 58-от Меѓународен филмски фестивал „WorldFest-Houston“, во категоријата Странски игран дилм и за Специјални ефекти во шминка.

Скопје, 16 мај 2025 (МИА) - Македонскиот филм „Лена и Владимир" освои две Златни Реми награди на 58-от Меѓународен филмски фестивал „WorldFest-Houston“, во категоријата Странски игран дилм и за Специјални ефекти во шминка (доделено на дизајнерот на маска Горан Игњатовски и уметникот за специјални ефекти во шминка Валентин Валов).
Режиран од Игор Алексов, „Лена и Владимир" ја раскажува приказната за мистериозен човек со трагична тајна кој засолнува младо побегнато девојче со насилно минато. Нивната неочекувана врска придонесува секој од нив да ја надмине својата лична трагедија наоѓајќи надеж на неочекувано место.
Режисерот Игор Алексов, кој присуствуваше на фестивалот во Хјустон, изрази благодарност за признанието.
- „WorldFest-Houston“ има богата историја на признавање на независната кинематографија, и да бидеме признаени меѓу толку висококвалитетни филмски творци од целиот свет е навистина oгромна чест за целиот тим. Моето време во Тексас беше, едноставно кажано, извонредно и инспиративно. Вистинска бајка, вели Алексов.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).
Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Kирил Коруновски.
Сценариото е на Александар Русјаков. Продуценти се Дејан Илиев (ДМФ Филм) и Илија Циривири (МИНД Продукција). Кинематографер е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Зафирковски, а монтажер е Мартин Иванов. Музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез, костимограф е Раде Василев, дизајнер на маска е Горан Игњатовски, а кастинг директор е Катерина Грубач.са/