Кос: Македонија е тажна приказна

Македонија е тажна приказна на Балканот. Ваква порака испрати Марта Кос еврокомесарката за проширување. Во интервју за РСЕ во Прага, Кос нарекувајки ја Македонија една од трите тажни приказни во регионот, направи паралела меѓу  Скопје и Киев - го спореди долгото чекање на Македонија за почеток на преговорите со ЕУ, со потенцијалната иднина на Украина. 

- Има две многу тажни приказни, или три. Една од нив е Косово што не може да продолжи понатаму. Уште една тажна приказна е Северна Македонија. Знаете, кога со Украина би чекале онолку колку што со Македонија чека на почеток на преговорите, Украина тогаш би почнала со преговори 2045 година. И се разбира тоа е Босна. - Марта Кос еврокомесарка за проширување.

Според Кос, процесот на проширување на ЕУ во овие моменти е значително различен од месец јануари, наведувајки ги како клучни фактори - промените на геополитичката сцена и новата администрација во САД. Порача дека техничките аспекти - поглавјата, кластерите и одредниците остануваат, но дека суштинското значење на проширувањето е поголемо од било кога и ЕУ не може да потфрли. Најави дека најблиску до членство се Црна Гора и Албанија. 

- Неуспехот би бил ако не добиеме новодојденци во ЕУ во времето на сегашната Комисија и сигурна сум дека можеме да го направиме тоа. Можеме да го направиме ова со Црна Гора. Сите поглавја се отворени, па ние само ги затвораме за да можеме да финишираме на крајот од 2026та од технички аспект. Можеме да завршиме од технички аспект со Албанија до крајот на 2027ма. Зошто велам од техничка гледна точка, бидејки преговорите се процедура, кога треба да ги направат реформите, но потоа останува на земјите-членки да одлучат, дали ќе станат членки или не. - Марта Кос еврокомесарка за проширување.

И додека Марта Кос, денеска и утре е во официјална посета на Србија, претседателот на ЕС Антонио Кошта е во тридневна посета на Бугарија. Кошта на заедничка прес-конференција со бугарскиот премиер Желјазков, прашан дали Македонија ќе ги почне наскоро преговорите - усвојувајќи ги уставните измени, кратко порача дека ЕУ ќе продолжи да работи со земјата. 

Шефот на дипломатијата Муцунски,пак, пред три дена, изјави дека комуницира со Марта Кос, но одби да сподели детали. Македонија беше во ист пакет со Албанија, но официјална Тирана го претрка Скопје и го отвори првиот кластер со ЕУ, во октомври минатата година. Македонија пак остана заглавена поради уставните измени.