Кариера

Отсуствата поради боледување ја чинат Европа милијарди евра секоја година

Извор: Ott Ummelas/Bloomberg

3 декември 2024, 10:56

Низ континентот владите и компаниите очајно се обидуваат да го сменат трендот на отсуства

Отсуствата поради боледување ја чинат Европа милијарди евра секоја година

Bloomberg

За бизнисите во Норвешка, болеста на вработените станува сè поголем проблем. Работниците земаат повеќе боледувања отколку каде било во Европа, а отсуствата се на највисоко ниво во последните 15 години.

Додека компаниите се борат со хронични недостатоци, критичарите ја обвинуваат премногу дарежливата социјална заштита, каде што трошоците за здравствени бенефиции ги надминуваат оние во другите развиени земји. ММФ го нарекува тоа „скапо и дисторзивно“ и вели дека реформата треба да биде приоритет. Работниците го добиваат целиот надомест за една година, со ограничување малку повисоко од просечната плата, а потоа и две третини од поранешниот приход.

„Компаниите ни кажуваат дека повеќе време се троши на регрутирање, наоѓање луѓе со вистинските вештини, додека кај вработените што остануваат има поголем замор“, вели Од Арилд Грефстад, извршен директор на норвешката пензиска и осигурителна фирма „Сторбренд“ (Storebrand ASA). „Сето тоа значи дека продуктивноста опаѓа“.

Но дарежливите бенефиции не се единствената причина, а ситуацијата се влошува низ цела Европа. Стареењето на работната сила и поголемата свест за стресот и менталното здравје, особено кај помладите генерации, се главните виновници за тоа, како и последиците од пандемијата на ковид.

Како што растат бројките така растат и економските трошоци. За многу влади што се борат со слаб раст или долгови што ги алармираат инвеститорите, тоа е дополнителен финансиски товар. Бизнисите велат дека отсуствата поради болест ги влошуваат недостатоците во работната сила, го попречуваат производството, додека за работниците, отсуството од работа влијае на заработката и животниот стандард, со понатамошни импликации за благосостојбата и чувството на вредност.

Во Британија бројот на економски неактивни луѓе на работоспособна возраст се зголеми за речиси 800.000 од почетокот на 2020 година. Долгорочната болест предизвикува загуба од речиси 33 милијарди фунти (42 милијарди долари) во продуктивноста, бројка што би можела да се удвои до крајот на деценијата, според ЦИ (Zurich Insurance). Премиерот Кир Стармер минатата недела претстави план за обид да го промени тоа и да внесе повеќе луѓе во работната сила. Амбицијата е да се поттикне економскиот раст и да се намали растечкиот трошок за бенефиции.

Слично драматични бројки се појавија и на други места во Европа. Работодавците во Германија минатата година потрошија рекордни 77 милијарди евра (81 милијарда долари) за боледувања на вработените, повеќе од двојно од нивото во 2010 година, соопшти економскиот истражувачки институт ИВ (IW). Земјата губи околу 200 милијарди евра годишно поради боледувања, покажуваат владините процени. Во Франција, шефот на националната агенција за здравствено осигурување предупреди на зголемени трошоци што го оптоваруваат буџетот.

Помошта за луѓето што се болни и не можат да работат е витален дел од социјалната мрежа. Но парите се само дел од тоа и владите сакаат да спречат луѓето да се оддалечуваат од работата, особено ако има начин да ги вклучат на соодветна сигурна позиција, која нема да ги остави во полоша состојба.

Норвешка прва на листата на земји со најмногу отсуства од работа поради болест

Bloomberg
 

„Една од најстрашните статистики во оваа област е дека ако некој е на боледување најмалку шест месеци, веројатноста дека целосно ќе ја напушти работната сила е поголема од веројатноста да се врати“, вели Кристофер Принц, аналитичар на пазарот на трудот во ОЕЦД (OECD) во Париз.

Секој одговор е комплициран, со оглед на тоа што има повеќе фактори во игра, понекогаш вклучувајќи лични физички или ментални проблеми. Владите и бизнисите мора да постапуваат внимателно и чувствително. Во спротивно, нивните акции може да изгледаат безмилосно или сурово.

Дополнително, само намалувањето на боледувањата не значи секогаш економски поттик. Истражувањето на ОЕЦД покажува дека луѓето што одат на работа додека се болни се два-три пати поштетни за продуктивноста отколку загубите од оние што остануваат дома.

Реална потреба

Во Норвешка архитектот Андреас Тингулстад не работи со полно работно време откако претрпел мозочен удар и повреда на мозокот и се потпира на бенефиции за да ја надомести својата плата. Четириесет и седумгодишникот признава дека моделот на социјална заштита не е совршен, но вели дека злоупотребата од страна на некои луѓе не треба да биде изговор за укинување на нешто што функционира за вистинските корисници.

„Не очекувам НАВ да ми го среди животот, но помошта е егзистенцијална“, рече тој, мислејќи на Државната служба за труд и социјална заштита.

„Обично инвалидитетот или болеста не се ничија вина. Едноставно се случува“, додаде тој. „Сигурен сум дека има многу луѓе што го злоупотребуваат системот, не мислам дека некогаш можете да се ослободите од тие луѓе. Но можете да работите на подобрување на тоа“.

Норвешка има среќа во еден поглед, имајќи го како поддршка државниот фонд од 1,8 трилион долари. Сепак, владата сè уште вели дека се потребни некои промени. Во извештајот годинава се истакнуваат „намалувањето на боледувањата и спречувањето на напуштањето на работната сила“ како „клучни цели“.

Политичарите на други места исто така бараат опции, особено во Франција, која очајно сака да заштеди пари.

Националната агенција за здравствено осигурување планира да контактира со оние што се отсутни од работа повеќе од 18 месеци за да види дали е изводлива некаква форма на враќање. Исто така ќе врши ревизија на работата на некои лекари и ќе го заостри системот за боледување.

Францускиот национален ревизор даде контроверзен предлог да се запре компензацијата за отсуства пократки од осум дена, што би можело да заштеди 470 милиони евра годишно.

Вашата претплата не може да се зачува. Ве молиме обидете се повторно.
Вашата претплата е успешна.

Не е изненадувачки што има отпор. Синдикатот Унса изјави дека луѓето мора да „престанат да ги стигматизираат болните“.

Во Британија, планот на Стармер за вклучување повеќе луѓе во работната сила доаѓа заедно со втора мерка насочена кон подобрување на правата на работниците, вклучувајќи и предлози за проширување на пристапот до боледување. Иако последните реформи ќе ги чинат бизнисите до 4,5 милијарди фунти годишно, владата тврди дека трошокот делумно ќе се надомести со „подобра благосостојба на работниците“ што ја зголемува продуктивноста.

Но, решенија со кои сите би се согласиле се покажуваат како тешки за наоѓање. Во Норвешка преговорите помеѓу организацијата на работодавци и синдикатите за нивниот долгогодишен договор за „инклузивен работен живот“ се во застој по прашањето за бенефициите.

„Општеството не може да си дозволи отсуствата поради болест да продолжат како досега“, рече Ан Лоуис Аартун Бај, шеф на одделот за пазар на трудот во организацијата на работодавци. „Имаме заедничка одговорност да го промениме тој тренд“.

Сите новости од рубриката Бизнис

Бизнис

Нови рекорди - акциите на „Енвидија“ скокнаа за пет отсто
Компании

Нови рекорди - акциите на „Енвидија“ скокнаа за пет отсто

Резултатите ја потврдуваат континуираната силна побарувачка за акцелераторите за вештачка интелигенција на „Енвидија“, но исто така ги истакнуваат геополитичките предизвици со кои се соочува технолошкиот гигант.

29.05.2025

Автор: Bloomberg Adria

„Втора среќа“ за „Стопанска банка Битола“: Ќе има ли нов играч во банкарскиот сектор?
Компании

„Втора среќа“ за „Стопанска банка Битола“: Ќе има ли нов играч во банкарскиот сектор?

„Стопанска банка Битола“ лани оствари добивка по оданочување од 163,17 милиони денари (2,6 милиони евра), што претставува значајно подобро остварување споредено со истиот период од минатата година.

27.05.2025

Автор: Владимир Николоски

сите новости од рубриката Бизнис

Регистрирајте се за да продолжите со читање. Регистрирајте се

Продолжете со читање со одбирање на една од опциите подолу

БЕСПЛАТЕН НАЛОГ

Прочитајте го овој и уште четири други текстови (не се однесува на премиум текстови)

Бесплатен билтен

Регистрирај се

Претплата

Неограничен пристап до премиум содржина на сите 5 портали

Неограничен пристап до ТВ и видео содржина

Ексклузивни приказни и анализи од Businessweek Adria

Истражете ги понудите

Активирајте уште една бесплатна статија и продолжете со читање.

Отклучи сега

Искористивте еден бесплатен текст.

Го цениме вашиот интерес за веродостојни информации. Активирајте уште една бесплатна статија и продолжете со читање.

Отклучи сега

Искористете ја ексклузивната понуда денес! Читајте неограничено за 1 € неделно.

Добијте неограничен пристап денес

Продолжете

Искористете ја ексклузивната понуда денес! Читајте неограничено за 1 € неделно.

Истражете ги понудите

Вашите конкуренти веќе го знаат ова. Дали ќе останете тивки?

Приклучете се сега за само 11 € месечно!

Истражете ги понудите