• понеделник, 23 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Сoслушување во Парламентот на БиХ за арбитражниот спор со словенечката фирма „Виадукт“

Сoслушување во Парламентот на БиХ за арбитражниот спор со словенечката фирма „Виадукт“

Сараево, 9 јуни 2025 (МИА) - Комисијата за борба против корупција и финансии на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина денеска ги сослуша претставниците на институциите вклучени во арбитражниот спор меѓу Република Српска и словенечката компанија „Виадукт“.

Сослушувањето следи по одлуката на Меѓународниот арбитражен суд во Вашингтон, кој пресуди дека Босна и Херцеговина мора да ѝ исплати на словенечката фирма 65,4 милиони евра поради раскинување на концесијата.

Владата на Република Српска во 2004 година ѝ доделила концесија на фирмата „ХЕС Врбас“, ќерка-компанија на „Виадукт“, за изградба на хидроцентрали на реката Врбас. Истата година била доделена и концесија за ХЕ „Бочац 2“, со што бил оневозможен реалниот проект на „Виадукт“ од Порторож.

Според договорот потпишан во 2017 година меѓу Советот на министри на БиХ и Владата на РС, ентитетската влада се обврзала безусловно да ги подмири сите парични обврски. Договорот го потпишала тогашната премиерка Жељка Цвијановиќ.

Сега, властите во РС одбиваат да ги исполнат обврските, барајќи државата БиХ да ја плати арбитражната пресуда.

Членот на парламентарната комисија Сафет Кешо (СДА) праша дали е можно на РС да ѝ се ускрати дел од средствата од ДДВ, ако тие не ја исплатат обврската, со цел долгот да се намири преку државните приходи.

Поранешниот државен правобранител Младен Мандиќ одговори дека постојат „стотина начини“ да се плати, но дека одлуката е во рацете на Советот на министри.

- Правобранителството ја застапува БиХ како страна. Сè што можевме – направивме. Сега е сè во рацете на Советот на министри. Нема договор, а без него ние не можеме ништо повеќе, рече Мандиќ.

Претседателот на комисијата Бранислав Бореновиќ (ПДП) го праша Мандиќ дали имало обиди намерно да се избегне мирно решавање на спорот, бидејќи домашните судови претходно ги одбиле тужбите на „Виадукт“.

- Овој долг ќе го плати РС, а со тоа и граѓаните. Брзо или бавно. Кога ‘Виадукт’ понуди спогодба, се собраа сите поранешни премиери и министри. Сфатив дека е во прашање манипулација, изјави Мандиќ.

Тој наведе дека го советувал министерот за енергетика Петар Ѓокиќ (СП) директно да преговара со адвокатската куќа на „Виадукт“, без посредници.

Мандиќ смета дека владата на Жељка Цвијановиќ немала реална моќ да донесе одлука поради „посилни сили“.

Тој истакна и дека речиси сите концесии доделени од Владата на РС се „во најмала рака сомнителни, ако не и криминални“, и дека народот плаќа за нив, а не државата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан