Американскиот претседател Доналд Трамп упати ултиматум до Хамас, откако радикалното движење соопшти дека ќе го одложи ослободувањето на заложниците поради како што образложи, израелското кршење на условите од договорот за примирје.
-Aко сите заложници не бидат вратени до сабота во 12 часот – мислам дека е соодветно време – би рекол, откажете го (прекинот на огнот) и нека избие пеколот. Тие треба да бидат вратени до 12 часот во сабота, а ако не бидат вратени, сите, не еден по еден, или по двајца, тројца и четворица... Сабота 12 часот, после тоа би рекол ќе избие целиот пекол. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Хамас експресно реагираше и му порача дека единствениот начин да се вратат заложниците е двете страни да го почитуваат договорот. Израелскиот премиер Натанјаху се закани со немилосрдна акција во Газа, ако заробените не бидат вратени. Последните пораки, но и сцените на буквално прегладнетите ослободени заложници предизвикаа масовни протести во Израел поради стравувањата дека со договорот за примирје, ќе пропадне последната шеста етапа за размена на уште 18 заложници.
-Направете се што е во ваша моќ да осигурате дека овој договор ќе продолжи. Направете се Алон и другите заложници да се вратат дома. , вели жителка на Тел Авив
-За заложниците едноставно нема време. Одложувањето на нивното ослободување значи дека некои од нив нема да преживеат. , вели жител на Тел Авив
Развојот на настаните со неизвесност го следат и жителите на Газа, откако Трамп го повтори планот дека ќе ја присвои енклавата, економски ќе ја развие и трајно ќе ги исели Палестинците во арапските земји, отфрлајќи ги тврдењата на дел од неговите соработници дека иселувањето ќе биде само привремено.
-Ова е моја татковина и земја. Ќе живеам и умрам тука. , вели жител на Газа
-Зборовите на Трамп се неразумни. Ќе останеме непоколебливи. , жител на Газа
Египет, Јордан, Турција и Сирија категорично ги отфрлија предлозите на Трамп тие да ги примат Палестинците од Газа и да стана нивна нова татковина. Прекинот на огнот постигнат пред три недели, освен ослободување на десетиците преживеани заложници во Газа во замена за стотици палестински затвореници во Израел, предвидува и повлекување на израелските трупи од појасот и реконструкција на Газа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата