Чибишев: Се потврдува дека модуларните болници биле изградени од несоодветен материјал
- И пред четири години ние зборувавме нешто што сега се актуелизира, како тогашен страшен пропуст на тогашните власти кои дозволија во екот на пандемијата Ковид да се градат и да се поставуваат одредени објекти како што беа и овие модуларни болници кои беа апсолутно надвор од сите стандарди, надвор од сите пропишани протоколи за згрижување на тешки болни

Скопје, 2 јуни 2025 (МИА) „И пред четири години ние зборувавме нешто што сега се актуелизира, како тогашен страшен пропуст на тогашните власти кои дозволија во екот на пандемијата Ковид да се градат и да се поставуваат одредени објекти како што беа и овие модуларни болници кои беа апсолутно надвор од сите стандарди, надвор од сите пропишани протоколи за згрижување на тешки болни“, истакна директорот на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев во гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.
Чибишев укажа дека модуларните болници не беа објекти, не беа капацитети во кои требало да згрижуваат таква тешка патологија, такви тешки пациенти.
-Актуелната власт го покренува целото прашање, меѓутоа во јавноста нема одговор од спротивната страна, од опозиционите партнери, да кажат дека не било така, нема коментари и повторно некако како да се турне под тепих целагта работ. Меѓутоа тоа мора да се расчисти, рече Чибишев.
Чибишев посочи дека се потврдило дека модуларните болници биле изградени од несоодветен материјал.
„Гледајќи ги активностите на МВР кое во моментот интензивно работи токму на некои вакви немили настани кои се случувале во минатото, мислам дека случајот ќе се реобнови. Има коментари во јавноста и шпекулации дека има дополнителни докази и дека тоа ќе се реотвори и ќе има процес во кој, се надевам, дефинитивно ќе се најдат вистинските виновници за оваа трагедија во модуларната болница. Тоа го бараат и семејствата на загинатите, дециден е Чибишев.