23.06.2025 02:20
Вести Македонија Топ вести

Пиши бриши: Чаир го поништил решението додека Арсовска во живо на ФБ обвинуваше дека документот е фалсификат

Пиши бриши. Општина Чаир вчера попладне го поништила решението за легализација на стан во зграда-дивоградба откако час претходно Арсовска обвини дека е направен фалсификат. Чаир ја обвинува градоначалничката за опсада и спроведување туѓа политичка агенда што потсетува на уривање дивоградби на Дижонска пред 4 децении.

Неполн час откако скопската градоначалничка Данела Арсовска во живо на социјална мрежа го обвинуваше Висар Ганиу, градоначалникот на Чаир и општината, за фалсификат употребен во процес на легализација, претставник на општината во Катастарот поднел ново решение со кое се поништува легализација на стан во зграда која според Арсовска е дивоградба изградена лани. Арсовска го објави документот кој денеска околу пладне го обезбедила при увид на спорното досие во Катастарот.

Во решението пишува дека се поништува претходната одлука поради грешка направена во утврдување на фактичка состојба на геодетскиот елаборат во кој има несоодветност на податоци и ново утврдена состојба. Решението според објавата е направено на 2-ри мај оваа година, но дури вчера откако јавно обвини за фалсификат е поднесено во Катастар, што според Арсовска буди сомнежи за нови противзаконски дејствија.

-Решението го антидатирале демек е направено на 02.05.2025 за да изгледа дека постапиле пред целиот криминал да биде објавен јавно, ама не можат да покријат дека вчера им е поднесен во катастар неколку часа по нашите пријави во МВР, напиша Арсовска на ФБ. 

Скопската градоначалничка повторно побара реакција на надлежните истражни органи и истрага за откриеното. Обвинителството уште вчера повика службените лица да поднесуваат сознанија и докази до нив, а не на социјалните мрежи. За дивоградбите во Чаир, обвинителството посочи дека има постапка, по допис на скопската полиција која асистираше на градските инспекции минатата недела на две градилишта кои според Арсовска се дивоградби на државно земјиште.

-Во однос на настанот од 27.05.2025 ве известуваме дека од страна на СВР Скопје исто така беше излезено на лице место, на ул.„Џон Кенеди“ каде што беа превземени потребните службени дејствија, изготвен е службен материјал, а по обезбедување на дополнителен материјал во врска со горенаведениот настан до ОЈО Скопје ќе биде доставен соодветен поднесок, ни одговорија од МВР за случајот за кој Арсовска обвинува за фалсификат во општина Чаир.

Од друга страна, општина Чаир со војнички речник ја обвини Арсовска дека врши опсада на Чаир, работи за туѓи политички агенди кои наскоро ќе бидат откриени и дека го враќа минатото однесување кон Албанците.

-Кого се обидувате да го спасите од правдата произведувајќи кризи таму каде што ги нема?  И даваме до знаење на г-ѓа Арсовска дека Чаир се сеќава. Чаир и чаирчани паметат и времиња кога службената политика го беше претворила Чаир во гето, а чарчаните во граѓани од втор ред.  Сликите кои што ги приреди г-ѓа Арсовска како забава за масите, во меморијата на Чаир ги вратија настаните од крајот на 80-тите години, кога на Албанците им се рушеа куќите во Дижонска, додека политичарите Албанци се криеја некаде низ „сараите„ на политиката, реагираа од Чаир потенцирајќи го зборот Сарај. 

Додека Чаир ја обвинува Арсовска за неработење на проекти во интерес на граѓаните и чаирчани цел мандат, таа го обвини градоначалникот на Чаир Висар Ганиу покрај за фалсификат и за закани кон неа и нејзиното семејство.

Телма се обиде да стапи во контакт со Ганиу, но тој не одговори на повиците и пораките. На својот ФБ профил објави фотографии како комуналните служби се грижат за зеленилото во Чаир.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

САД се приклучи на израелската војна против Иран – нападнати трите клучни нуклеарни инсталации

Дејан Дејан

Колона возила над три километри на граничниот премин Богородица

Дејан Дејан

Мицкоски: Без додавки во извештајот за земјата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе