Извори од МНР: Вашингтон е стратешки партнер а ЕУ е стратешка цел
Македонија нема да праќа мировници во Украина, а дали ќе и испорачаме нова воена помош е се уште неизвесно, информираат високи дипломатски извори од Министерството за надворешни работи. Оттаму посочуваат дека Македонија пред се е фокусирана на безбедносното зајакнување на источното и јужно крило на НАТО.
Високи дипломатски извори од МНР: Доколку постои мировна мисија во Украина, во моментов не сме подготвени за такво нешто. Досега бевме едни од најголемите контрибутори кон Украина од земјите членки на НАТО, но во овој момент следејќи ги состојбите, има процес на внатрешно усогласување заедно со Претседателката, Премиерот и Министерот за одбрана.
Од МНР уверуваат дека воздржаноста на Македонија во ОН не е анти-европски став, а нашата надворешна и безбедносна политика останувала целосно усогласена со таа на ЕУ. Сепак, оттаму потенцираат дека стратешкото партнерство со САД подразбира и целосна усогласеност со новата американска администрација, за која тврдат дека имала разбирање за ставот на Владата за уставни промени со одложено дејствие, што можело да помогне во заглавените ЕУ интеграции.
Високи дипломатски извори од МНР: Ние со ЕУ имаме сериозен предизвик, и во самата ЕУ се имплицира потенцијален придонес од САД по решавање на нашето прашање. Ние ќе се поставиме одејќи по нашиот интерес, но не можеме да споделиме повеќе детали од последната средба во Вашингтон.
Сепак, за дилемата кој пат ќе го одбере Македонија доколку позициите на ЕУ и нашиот стратешки партнер – САД се разединат, од МНР велат дека тоа е хипотетичка ситуација и уверуваат дека САД и ЕУ активно работеле на усогласување на своите позиции. Како што дополнуваат дипломатските извори - Македонија и понатаму ќе ги зајакнувала билатералните односи со САД паралено држејќи го полноправното членство во ЕУ како стратешки приоритет.