Македонија
Генералка викенд – над 20.000 волонтери ќе чистат на повеќе од 500 локации во Македонија

На 9, 10 и на 11 мај петти пат ќе се одржи најголемата годишна национална акција за собирање отпад – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД (волонтерска акција од граѓаните за граѓаните), создадена од „Мен енд маунтен“.
Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвениот крст и од Министерство за животна средина. Над 20.000 волонтери ќе ја чистат нашата татковина на повеќе од 500 локации во сите општини во земјата вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети, волонтери и национални паркови.
Официјалното отворање на тридневна национална акција за чистење отпад – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД ќе биде на 9 мај на скопскиот акведукт со почеток во 9 часот. Повеќе од 200 волонтери ќе ја исчистат околината на овој исклучително важен историски споменик.
Во пресрет на екоакцијата со видеопорака се огласи и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која апелира до граѓаните да се вклучат: „Го раскинавме пријателството со планетата, ги игнорираме нервозните предупредувања на природата и не сакаме да се соочиме со тешката еколошка криза. Постојано зборуваме за зелени политики, а живееме во сиво-црна реалност на убиствен воздух, загадени езера и реки, опустошени шуми и контаминирана почва. Природата не може да биде жртва на профитната агресија. Крајно време е да трчаме маратон кон поздрава животна средина и да склучиме примирје со природата. Доколку сакаме здрава иднина, треба сите на 9, 10 и на 11 мај да се обединиме во најголемата еколошка акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД како доказ за национална одговорност и еколошка будност. Грижата ветува цврсти промени и верувам дека годинава ќе покажеме уште поголема еколошка зрелост доколку се вклучат повеќе волонтери за чиста и здрава животна средина“, вели Сиљановска-Давкова.
Со поддршка на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ првпат ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД ќе биде вклучена и во едукативниот проект „Екочас“.
Учениците од сите училишта во земјата ќе добијат домашна задача на 9 мај заедно со наставниците и професорите да ги исчистат училиштата, на 10 мај учениците заедно со своите семејства ќе ги чистат домовите и просторот околу нивните живеалишта, а на 11 мај учениците заедно со семејствата ќе ги чистат парковите и пикник-местата во нивното опкружување. Нивна задача е да го фотодокументираат чистењето и на првиот школски час да ги презентираат резултатите.
Врз основа на меморандумот во траење од 10 години, кој Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и „Национални шуми“ го склучија со „Мен енд маунтен“, секоја година по завршувањето на екоакција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, во ноември се одржува вториот дел од акцијата наречена СОНЧЕВА ГОРА, што подразбира пошумување државно земјиште.
На секои 10 килограми собран отпад се посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Во рамките на овие пошумувања во изминатите години беа засадени над 120.000 садници на разни локации: околу езерото „Младост“ во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија „Кокино“ и во општина Старо Нагоричане.
Во изминативе четири години беа собрани 1 милион килограми отпад за време на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, досега учество зедоа над 44.000 волонтери, исчистени беа повеќе од 1000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја.
Овој единствен масовен еколошки настан, не само во земјата туку и на целиот Западен Балкан, испраќа моќна и алармантна порака дека загадувањето стана најголемиот непријател за граѓаните. Идејата на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е да се поткрене екосвеста помеѓу граѓаните и со здружени сили да се степенува важноста за позитивни промени кон почиста животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Алиу најави реформа на Мој Термин – побрз, поедноставен и подостапен систем

Министерот за здравство, Азир Алиу денес имаше работна средба со директорот на Управата за електронско здравство, Фикрет Шабани, на која се разговараше за предизвиците во функционирањето на системот Мој Термин и новините кои се планирани во оваа област.
-Системот Мој Термин е едно од местата каде што нашите граѓани најмногу ја чувствуваат потребата од брза, достапна, правична и транспарентна услуга. Еден од нашите приоритети е реформа на Мој Термин, со цел креирање поедноставен, побрз и подостапен систем. Правиме платформа што не создава бариери, туку отвора врати, што функционира во реално време и им дава на граѓаните сигурност дека се приоритет, изјави министерот Алиу.
Тој посочи дека многу скоро оваа промена граѓаните ќе ја почувствуваат не само на екраните, туку и во нивното секојдневие.
Македонија
Голем пожар во Желино, од ЦУК велат поради ветерот и тешкиот терен има ризик да се прошири

Во општина Желино избувна пожар кој се движи во правец на Еребино, зафаќајќи сува вегетација и нискостеблеста шума, информираат од Центарот за управување со кризи.
Како што кажаа од ЦУК, пожарот поради ветерот и тежок терен има ризик да се прошири, но на терен веднаш се ангажирани сите расположливи сили и средства.
На терен активно дејствуваат:
– 1 армиски хеликоптер
– 1 полициски камион МАН со цистерна од 8 тони и воден топ
– 2 теренски возила пинцгауер
– 1 хермелин
– 30 припадници на Армијата
– екипи од Скопската бригада за противпожарна заштита
– пожарникари од ТППЕ Тетово.
Во 16:00 часот ќе полетаат и два ер трактори на ДЗС за воздушна поддршка, велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека постои основано сомнение дека пожарот е предизвикан од човечки фактор, односно подметнат.
Од АМСМ соопштија дека регионалниот пат Тетово – Скопје на потег од Добарски надвозник до бенз. пумпа Џезо Петрол е затворен за сообраќај, а сообраќајот се пренасочува по Автопат ТЕ-СК-ТЕ кај с Групчин и с. Желино
Македонија
ЦУК: До 14 часот се евидентирани вкупно 11 пожари на отворен простор, 6 се активни

Центарот за управување со кризи информира дека во текот на денешниот ден, заклучно со 14 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 11 пожари на отворен простор, од кои: 6 се активни, 3 се под контрола, а 3 се изгаснати.
Активни пожари:
Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума)
Општина Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Велес – кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума); поради силен ветер, пожарот повторно е активиран, со краци во неколку правци
Општина Сарај – до Обиколницата (сува трева)
Општина Желино – се шири кон Тетовско Еребино (сува вегетација и грмушки)
Пожари под контрола:
Општина Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума)
Општина Демир Хисар – Градска депонија (депонија)
Општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешнево, с. Локвица и с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
Изгаснати пожари:
Општина Охрид – с. Лескоец (запалена плевна)
Општина Штип – с. Аргулица (деградирана ниска вегетација)
Општина Липково – с. Виштица (деградирана шума)