Американските средства вчера добија поттик откако огромен дел глобални царини на претседателот Доналд Трамп беа прогласени за нелегални и беа блокирани од трговскиот суд, што ги намали грижите за економските перспективи на земјата.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редкација на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Новите кралеви на патиштата во регионот Адрија доаѓаат од Кина
Бројот на кинески автомобили што пристигнуваат на пазарите во регионот може да биде навестување за она што претходно беше речиси незамисливо - масовното присуство на производители на возила од таа азиска земја во овие области. Кинеските модели, кои некогаш беа оспорувани поради незадоволителен квалитет и дизајн, денес носат привлечна комбинација од конкурентни цени, напредна технологија и прифатлива електрификација.
Тие поставуваат нови стандарди за пазарите традиционално доминирани од европски, јапонски и јужнокорејски брендови. Кина стана најважната конкурентска сила за американската и европската автомобилска индустрија, додека многу западни производители бараат решенија за зголемување на продажбата, намалување на трошоците и застарените модели на работа.
Геополитика со камата: Како Велика Британија си купува нова улога на Балканот
По излегувањето од Европската Унија, Велика Британија ја изгуби институционалната платформа за директно обликување на европската политика. Но тоа не значи дека се повлече од стратешката сцена. Напротив – таа сè повеќе е присутна, особено во Западен Балкан, регион што Лондон историски го разбира, но и го користи како полигон за демонстрација на својата постбрегзит надворешнополитичка автономија.
Најнов доказ за таа стратегија доаѓа во форма на рекорден заем од пет милијарди фунти што Обединетото Кралство ѝ го додели на Северна Македонија. Станува збор за износ што значително ги надминува економските капацитети на земјата, но не и политичките цели на Лондон. „Велика Британија, иако формално ја напушти ЕУ, очигледно не сака да се повлече од европските стратешки игри – особено кога станува збор за Западен Балкан“, коментира за „Блумберг Адрија“ политиколог Харун Церо.
Маск ја напушта американската администрација, што ќе се случи со DOGE
Милијардерот Илон Маск во средата изјави дека неговото време како формален советник на претседателот Доналд Трамп привршува, што го отвора прашањето за иднината на иницијативата за ефикасност на државната управа (DOGE), чиј иницијатор беше токму тој. „Како што мојата ангажираност како специјален владин службеник се приближува кон крајот, сакам да му се заблагодарам на претседателот за можноста да придонесам за намалување на расипничкото трошење“, објави Маск на социјалната мрежа X, чиј сопственик е токму тој.
„Мисијата @DOGE со текот на времето ќе стане сè посилна, бидејќи ќе прерасне во начин на работа на целата администрација“, додаде Маск. Според законот, Маск имаше статус на привремен службеник најдоцна до 30 мај, иако точниот датум зависи од бројот на денови што навистина ги поминал на функцијата.
Нови рекорди - акциите на „Енвидија“ скокнаа за пет отсто
Компанијата „Енвидија“ (Nvidia) ги надмина очекувањата во однос на приходите, но добивката беше под притисок поради новите американски ограничувања за извоз на напредни чипови во Кина. И покрај значителниот еднократен трошок, предизвикан од намалената побарувачка за чиповите Х20 (H20) поради новите извозни правила, инвеститорите позитивно реагираа, зголемувајќи ја цената на акциите во тргувањето по затворањето на берзата.
Резултатите ја потврдуваат континуираната силна побарувачка за акцелераторите за вештачка интелигенција (ВИ) на „Енвидија“, но ги нагласуваат и геополитичките предизвици со кои се соочува овој технолошки гигант. Акциите на „Енвидија“ пораснаа за речиси пет отсто во постпазрното тргување на њујоршката берза, откако производителот на чипови објави солидна прогноза за приходите, пишува „Блумберг“ (Bloomberg).
Цената на златото паѓа четврти ден по ред
Златото го продолжи падот четврти ден по ред бидејќи пазарите ја апсорбираа веста дека американскиот трговски суд ја блокирал глобалната царинска агенда на претседателот Доналд Трамп. Цената на златото вчера падна дури за 1,1 отсто, зголемувајќи ја со тоа загубата од два отсто во претходните три сесии, а причината е што Американскиот суд за меѓународна трговија ги оцени повеќето од царините на Трамп како нелегални, што дополнително го зајакна доларот.
А посилниот долар го прави златото поскапо за повеќето купувачи. Администрацијата на Трамп извести дека се жали на пресудата со која се суспендираат повеќето од нејзините царини. Врховниот суд на САД на крајот може да го има последниот збор во случајот со висок влог што би можел да влијае на трилиони долари во глобалната трговија.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...