Неофицијалните резултати на претседателските избори во Романија покажуваат солидна победа на ултранационалистот Георге Симион во првиот круг од претседателските избори во Романија, но тој не го освои мнозинството потребно за да избегне втор круг на 18 мај, во кој најверојатно ќе се соочи со градоначалникот на Букурешт, Никурсор Дан.
Со пребројување на речиси сите гласачки ливчиња рано на 5 мај, Симион, 38-годишниот лидер на Алијансата за обединување на Романците, води со околу 40,9 проценти, или 3 857 463 гласови, според Централната изборна комисија на Романија.
Педесет и петгодишниот Дан - кој се смета за политички умерен, го победи Крин Антонеску, член на владејачката коалиција во земјата, и се искачи на второто место, потпомогнат од гласањето на дијаспората.
Дан освои 20,98 проценти од гласовите наспроти 20,1 процент на Антонеску, што претставува водство од очигледно ненадминливи 82 000 гласови. Според изборните службеници, речиси сите гласови од дијаспората се преброени.
Податоците покажуваат дека околу 973 000 луѓе гласале во дијаспората.
Симион водеше во гласањето на дијаспората со 61 процент, по него Дан со 26 проценти и Антонеску со 6,8 проценти.
„Влеговме во вториот круг. Ви благодариме!“, напиша Дан на својата Фејсбук страница.
Излезните анкети од водечките фирми претходно покажаа слични вкупни резултати, иако тие му дадоа на Симион помало водство и вклучуваа поголем вкупен број гласови за Дан.
„Мислам дека тоа е неповратен резултат, како што стојат работите. Јас презентирав една програма, но пресудата на романскиот народ беше поинаква“, рече Антонеску откако неговиот вкупен број гласови беше надминат од Дан.
„Гласовите се јасни - граѓаните се изјаснија. Жал ми е. Мислам дека го завршувам овој обид со крената глава“, додаде Антоанеску.
Тој не изрази преференции за вториот избрен круг.
„Не знам какви коалиции ќе има. Не бев дел од коалиција. Ги повикувам моите гласачи сами да размислат кои од идеите на кандидатите се компатибилни со оние што ги презентирав... Ги повикувам сите што гласаа за мене денеска да гласаат и во вториот круг, немам никакви препораки за кој“, рече тој.
Симион пак им се обрати на поддржувачите преку видео врска и изјави:
„Денеска заедно испишавме историја! Се приближуваме кон исклучителен резултат, далеку над она што го претставуваа водечките телевизиските куќи кои знаат само како да разгорат поделби со ароганција, да прскаат отров и да искривуваат сè и да шират лаги“, рече Симион.
Гласањето беше внимателно следено надвор од Романија, делумно затоа што Симион даде контроверзни изјави во кои тврди дека делови од украинските и молдавските територии и припаѓаат на Романија, а ја доведе во прашање и романската воена помош за Украина.
Тој, исто така, ја критикуваше тековната инвазија на Русија врз Украина.
Инаку Романците гласаа за избор на нов претседател речиси шест месеци по неочекуваното по ништување на првиот круг од изборите поради обвинувања за русковлијание.
Анкетите пред гласањето на 4 мај покажаа дека ултранационалистичкиот кандидат Георгe Симион (38) води пред останатите 10 кандидати. Меѓу водечките претенденти беа и поранешниот премиер Виктор Понта, градоначалникот на Букурешт Никусор Дан и Крин Антонеску од владејачката коалиција.
До 16 часот по локално време, одѕивот беше понизок од оној во првиот круг од гласањето во ноември.
Во ноември минатата година, Калин Георгеску, проруски националист кој дотогаш важеше за маргинален кандидат, неочекувано победи во првиот круг на изборите.
Сепак, властите ги поништија резултатите поради обвинувања за руска кампања на влијание во поддршка на неговата кандидатура. На Георгеску му беше забрането да се кандидира на новите избори, а беа воведени и низа нови правила за повторените избори на 4 мај.
Откажаното гласање предизвика критики и надвор од Романија, најгласно од потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, кој на Минхенската безбедносна конференција во февруари ја обвини романската власт дека дејствувала врз основа на „тенки сомнежи и огромен притисок од своите континентални соседи.“
Симион јавно прифати дел од реториката на американскиот претседател Доналд Трамп и неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAGA).
Во ноември објави фотографија на која носи препознатливо црвено капче со натписот „Trump Save America“, а неодамна изјави дека е „совршено идеолошки усогласен со MAGA движењето.“
На 24 април, изборните власти најавија истрага против политичката партија на Симион поради наводи за прекршување на правилата за финансирање на кампањата.
Истрагата се фокусира на обвинувањата дека Симион организирал плаќање од 1,5 милиони долари на американска лобистичка фирма со цел да се обезбедат средби во Вашингтон со истакнати медиумски личности поврзани со Доналд Трамп. Симион ги негира обвинувањата.
Изборната кампања привлече и надворешни набљудувачи за да го следат гласањето. Во предизборниот извештај, набљудувачите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја критикуваа Романија за некои аспекти од регистрацијата на избирачи и процедурите за броење на гласовите.
Администрацијата на Трамп испрати и сопствен изборен набљудувач независно од ОБСЕ — висок претставник од Федералната изборна комисија на САД, која го надгледува изборниот процес во Америка.
Не е јасно дали Симион ќе успее да освои повеќе од 50 проценти од гласовите за директна победа. Доколку не успее, втор круг меѓу двајцата кандидати со најмногу гласови ќе се одржи на 18 мај.
Повеќето набљудувачи сметаат дека Симион би се соочил со големи тешкотии во вториот круг, особено ако Понта, Дан или Антонеску добијат доволна поддршка.
Гласањето беше закажано да заврши во 21 часот по локално време , а првите излезни анкети се очекуваат веднаш потоа.