Денес, со искрена почит и длабока благодарност, им оддаваме признание на Свети Кирил и Свети Методиј – кои преку своето просветителско и духовно дело се издигнаа и прославија, се вели во честитката од ВМРО-ДПМНЕ по повод 24 Мај.
Од партијата посочуваат дека мисијата на сесловенските просветители не била само книжевна или верска – таа беше цивилизациска.
-Со создавањето на глаголицата, и со ширењето на словото Божјо на разбирлив, народен јазик, тие го поставија темелот на писменоста, образованието и културниот идентитет. Тие ја издигнаа словенската култура до ранг на рамноправна со другите големи цивилизации на своето време.
Делото на Кирил и Методиј не познава граници – тоа живее и денес, вкоренето во јазикот што го зборуваме, во буквите со кои пишуваме, во вредностите што ги пренесуваме. Тоа е наш завет – спој на духовност, мудрост и самобитност, кој не само што треба да го славиме, туку и да го чуваме со длабока одговорност.
Во време кога јазикот, културата и идентитетот често се изложени на предизвици, неопходно е да се навратиме кон нивниот пример. Да го негуваме македонскиот јазик, да ја почитуваме традицијата, да вложуваме во образованието и да го пренесуваме нивното дело на идните генерации – не како обврска, туку како чест.
Нивното просветителство не завршува во минатото – тоа нè повикува и денес, да бидеме чувари на светлината што тие ја запалија. Да ја браниме вистината, да го негуваме знаењето и да се гордееме со корените кои нè обединуваат, стои во честитката.