Наќе Георгиев, поранешен врховен судија осуден за мито, сега работи како магационер, дознава „Скопје1“. Новата работа му овозможува дел од денот да го поминува надвор од затвор, но ноќите и натаму ги минува зад решетки. Оваа погодност ја добил откако издржа нешто повеќе од една година од вкупно тригодишната казна. Од затворот „Скопје“ бил префрлен во струмичкиот затвор.
„Осуденикот редовно користи погодности, викенд од три дена, излез од седум часа. Од денес е работно ангажиран во приватна фирма, со дадена согласност од директорот на Управата за извршување санкции“, вели директорот на затворот, Зоран Ристов за „Скопје1“.
Како сега така и изминатата година, тој користел поволности.
Според информациите на „Скопје1“, Георгиев излегувал на викенди, кои му се давани согласно правилникот на затворот. Сите привилегии ги уживал, благодарение на доброто поведение.
Георгиев се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција по случајот за земање мито од синот на ексградончалникот на Ново Село, Боро Стојчев и прифати да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.