1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаАвстралија

Избори во Австралија: Помеѓу Кина и САД

Тагесшау | ЕМФ
3 мај 2025

Во Австралија денеска се гласа за нов парламент. Централна улога во кампањата играа односите кон Кина и кон САД. Дали Трамп ќе биде одлучувачки за изборот?

https://p.dw.com/p/4tszv
Австралија избори
Централна улога во кампањата за изборите во Австралија одиграа односите кон САД и КинаФотографија: Mark Baker/AP Photo/picture alliance

Во Австралија денеска (3.05) се избира нов парламент. Во изборната кампања доминираа високите трошоци за живот, како цените на јајцата, кириите и бензинот.

Но, зад овие внатрешни прашања се крие и едно надворешнополитичко: како Австралија треба да ги обликува своите односи со Кина и Соединетите Американски Држави? За австралиските граѓани, ова е прашање на зачувување на работни места и на национална безбедност.

„Комплексен однос“ со Кина

Кина е најголемата закана за безбедноста на Австралија, изјави опозицискиот лидер Питер Датон во последниот од четирите предизборни дуели. Притоа, тој претходно ветуваше дополнително зголемување на обемот на трговијата со таа земја.

Датон ја предводи коалицијата на конзервативните либерали и уште подесничарските националисти и го предизвикува актуелниот премиер Ентони Албаниз од социјалдемократската Лабуристичка партија.

Формулациите на Албаниз се подипломатски: Глобалната сила Кина сака да го зголеми своето влијание. Односот со најважниот трговски партнер е сложен. За време на владата на Албаниз, односите со Кина беа дополнително релаксирани, а билатералната трговска размена се искачи на рекордно ниво. Главниот извоз на Австралија е железната руда, која главно оди во Кина.

Но, во февруари, маневар на кинеската морнарица предизвика немир. Со денови кинески воени бродови крстареа покрај австралискиот брег.

Австралија избори
Мнозинството Австралијци генерално смета дека сојузот со САД е „многу“ или „прилично важен“ за безбедноста на нивната земјаФотографија: Izhar Khan/Getty Images

САД ѝ се потребни на Австралија во Индо-Пацификот

Со цел да ги зајакне одбранбените капацитети на Австралија, австралискиот премиер пред две години се согласи да го прошири воениот сојуз АУКУС заедно со тогашниот американски претседател Џо Бајден и тогашниот британски премиер Риши Сунак. Тоа е безбедносно партнерство со САД и Обединетото Кралство кое ѝ овозможува на Австралија да изгради сопствена флота од подморници на нуклеарен погон.

Традиционално, односите меѓу САД и Австралија се блиски. И покрај царинската политика, Австралија може да се потпре на американскиот претседател Доналд Трамп кога станува збор за безбедносни прашања, потенцираа и двајцата кандидати во австралиската изборна кампања.

Неодамнешното истражување на институтот Лови покажува дека огромното мнозинство Австралијци генерално смета дека сојузот со САД е „многу“ или „прилично важен“ за безбедноста на Австралија. Но, само 36 отсто од Австралијците изразија одреден степен на доверба дека САД дејствуваат одговорно.