Новиот монах Георгиј е предлогот за нов митрополит во Охрид, верниците најавуваат протест

Новоизбраниот монах Георгиј е предлогот на Архиепископот Стефан за избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, пренесува Религија.мк повикувајќи се извори во Синодот на МПЦ-ОА.
Архиепископот денеска предлогот го испратил до членовите на Синодот, а седницата за избор ја закажал за 12 јуни оваа година.
Во известувањето Архиепископот пишува дека го предлага јеромонахот Георгиј за ракополагање во епископски чин и избор на Митрополит за Дебарско-кичевската епархија.
Отец Георгиј, или поранешниот декан на Богословскиот факултет и ексамбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓоргевски беше замонашен на 27 мај. Следниот ден на 28 е произведен за јероѓакон, а денеска избран за јеромонах. Според предлогот на Архиепископот на 12 јуни треба да биде избран за Епископ и за Митрополит, после само 16 дена од замонашувањето.
Верници на МПЦ-ОА од неколку епархии ќе организираат протест поради начинот на избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија.
На социјалните мрежи се организира протест за денеска во 18 часот во Охрид.Протестот е најавен и на пладне во 12 часот на плоштадот Македонија во Скопје.
Иницијаторите на протестот се дистанцираат од каква била поврзаност со некаква организација, посочуваат дека намерата им била мирно да изразат револт.