СТРАШНИ БРОЈКИ: За три години на македонските патишта загинале 457 лица

Мерките и активностите на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди, покажува ревизорскиот извештајот на тема „Безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Македонија“ на Државниот завод за ревизија.

„Јавно достапните податоци од веб страната на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата: имено во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Ревизорите оцениле дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и Европско ниво.

„Втората Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за период 2015-2020 година е последна донесена национална стратегија за подобрување и зајакнување на системот     за управување со безбедност на сообраќајот на патиштата. За периодот од нејзино донесување до денот на ревизијата, не е изработен ниту еден документ за евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на нејзината реализација, од причина што Владата нема формирано Координативно тело  надлежно за наведените активности“, велат од ДЗР.  

Втората Национална стратегија за безбедност во сообраќајот на патишта 2015-2020, како што се посочува, имала за цел  бројот на жртви на сообраќајни незгоди до 2020 година да се намали до просечниот број на жртви во земјите-членки на Европската Унија, бројот на жртви – млади возачи да се намали за 30%, бројот на сериозно повредени да се намали за 40% и   бројот на деца- жртви на сообраќајни незгоди да се сведе на нула.

По спроведената ревизија било утврдено дека целите не се постигнати, односно бројот на жртви во сообраќајните незгоди за 2020 година не е намален до просекот во државите членки на ЕУ.

„Целта за намалување на бројот на жртви – млади возачи за 30%  не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категоријата „млад возач“; бројот на сериозно повредени лица кој во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40 % во однос на 2009 година кога истиот изнесувал 985 лица; бројот на деца – жртви во сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува 8 лица“, стои во извештајот.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде