Системот за заедничка гранична контрола „One Stop Shop“ пуштен во употреба на ГП Долно Блаце-Елез Хан
- Премиерот Мицкоски: „Денес, овде, на најдобар начин покажуваме дека границата не мора да биде ѕид. Границата може и треба да биде наш заеднички мост, мост кој поврзува луѓе, идеи, можности.“

БЛАЦЕ (АА) - Денес на граничниот премин „Блаце – Елез Хан“ се одржа свечена церемонија по повод пуштањето во употреба на системот на заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, известува Анадолу.
На церемонијата по повод воведувањето на заедничката гранична контрола „One Stop Shop“ на граничниот премин Долно Блаце – Елез Хан, каде е изградена нова физичка и дигитална инфраструктура, беше пуштен во функција системот кој овозможува само едно застанување и една пасошка контрола.
Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски рече дека овде на самата граница „започнуваме да ја испишуваме првата страница на едно заедничко ново современо и прегматична поглавје на нашата меѓусебна соработка“. Според него, ова не е само осовременување на еден граничен премин, туку и отворање на нова перспектива за граѓаните, стопанството и регионот.
„Денес, овде, на најдобар начин покажуваме дека границата не мора да биде ѕид. Границата може и треба да биде наш заеднички мост, мост кој поврзува луѓе, идеи, можности. Мост преку кој се зборува за доверба, соработка, економска размена, развој на културата и туризмот. Мост што ќе го преминат милиони граѓани, но и милиони надежи и планови”, истакна Мицкоски.
Македонскиот премиер истакна дека оваа граница, која досега значеше пречка, од денес станува симбол на модерноста, интеграцијата и регионалната зрелост, на која нема повеќе да се чека со часови.
Премиерот на Република Косово, Албин Курти, пред присутните рече дека создавањето на заеднички гранични контроли се нови точки на соработка кои поблиску ги поврзуваат двете земји и дополнително го зајакнуваат добрососедството.
„Новиот модел на заедничкиот граничен премин Блаце, заснован на принципот „влез-влез“, е пример за конкретен и практичен напредок, како и знак за зголемена доверба меѓу нас", рече Курти.
Косовскиот премиер истакна дека во текот на 2024 година над 5 милиони граѓани ги поминале трите гранични премини меѓу Косово и Северна Македонија, бројка што, според него, ја докажува силната поврзаност меѓу народите на двете земји.
Премиерите на двете земји симболично пеш го преминаа граничниот премин.