Општество

Златната доба на Доналд Трамп и на тарифите

Љупчо Поповски | Авторот е новинар

Економија и бизнис | печатено издание | 15 april 2025г.

„Јас сум тарифен човек“, се прокламира себеси Доналд Трамп, користејќи го истиот слоган што го употребуваше претседателот кого го смета за образец – Вилијам Меккинли. Позлатената доба во САД, обележена со големи тарифи, траеше од 70-тите години на деветнаесеттиот век до почетокот на 20 век. Трамп со тарифите за речиси целиот свет сака да врати дел од оваа изолациска економија.


Во средата, на 26 март, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за воведување царини од 25 отсто за сите автомобили увезени во Соединетите Држави.
„Ова е почеток на денот на ослободувањето во Америка“, им рече Доналд Трамп на новинарите собрани во Овалната соба. Тарифите ќе важат за готови автомобили и за камиони што се испорачуваат во САД, вклучувајќи ги и оние направени од американски автомобилски компании во странство. Претседателот го нарече сегашниот систем, во кој автомобилите се произведуваат во повеќе земји, „смешен“.
Ова е дел од прокламацијата на Трамп за време на неговата инаугурација кога рече дека ќе ја води „златната доба на Америка“.
„Секој граѓанин, ќе се борам за тебе, за твоето семејство и за твојата иднина. Секој ден ќе се борам за тебе. И со секој здив во моето тело нема да мирувам додека не ги направиме луѓето силни, безбедни и просперитетни. Америка што ја заслужуваат нашите деца и која вие ја заслужувате. Ова навистина ќе биде златната доба на Америка.“
Додека два месеци ги најавуваше, па ги одложуваше тарифите за стоките од Канада и од Мексико, па ѝ се закануваше на ЕУ, „златната доба“ Трамп почна да ја воведува со редизајнирање на Овалната соба. Внатрешната декорација е една од омилените страсти на Трамп и тоа значи дека Овалната соба треба да биде преуредена со мебел и со украси кои се во согласност со неговиот личен вкус.
А за Трамп тоа значи злато. И тоа многу злато.
Во својот извештај Си-ен-ен забележа: „Има злато насекаде: нови златни фигурини и медалјони на каминот, златни орли на страничните маси, позлатени рококо огледала на вратите, мали златни херувими испратени од Мар-а-Лаго. Дури и далечинскиот управувач за телевизорот е обвиткан во позлатена боја.“
Има медалјони со златна рамка, па дури и реплика на трофејот на Светското првенство на ФИФА, што е знак за кодомаќинството на турнирот од САД следното лето.
Овалната соба сега изгледа многу повеќе како блескавиот имот на Трамп Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, или на Трамповата кула на Петтата авенија во Менхетен каде што се наоѓа познатиот златен ескалатор по кој Доналд Трамп се спушти заедно со неговата сопруга Меланија за да ја објави првата претседателска кандидатура во јуни 2015 година.

Позлатената доба од пред 150 години
Америка веќе има едно искуство поврзано со „златото“ во политиката и во општеството. Она што веќе еден век се именува како „позлатена доба“ ја однесе Америка во голема индустријализација, технолошки напредок, неверојатна корупција и уште поголема нееднаквост, како и создавање на моќни семејни династиии кои управуваа не само со економијата на државата туку и со политиката.
Приказната за позлатената доба е исклучителна. Тоа е период на груб материјализам и бесрамна политичка корупција во историјата на САД во текот на 70-тите години на деветнаесеттиот век до почетокот на 20 век. Името беше преземено од една помалку позната книга на Марк Твен од 1873 година – „Позлатена доба: Приказна за денешницата“. Твен ја напиша во соработка со Чарлс Дадли Ворнер. Романот дава живописен и точен опис на Вашингтон и е преполн со карикатури на многу водечки личности од тоа време, вклучително и алчни индустријалци и корумпирани политичари. Марк Твен прави извонредна сатира на првите години по Граѓанската војна, кога победниците ветуваа доаѓање на „златна доба“. Во книгата периодот е прикажан како ера на сериозни социјални проблеми маскирани со тенка позлата на економската експанзија. Метафората „позлатена доба“ почна да се применува во 20-тите и 30-тите години на дваесеттиот век за да означи одреден период во американската историја. Терминот го прифатија книжевните и културните критичари, како и историчарите.
Доналд Трамп има идеализирана слика за овој период, кога цилиндрите и тесните половини во облеката беа во мода.
„Ние бевме најбогати од 1870 до 1913 година. Тогаш бевме тарифна земја. Потоа тие отидоа на концептот на данок на доход“, рече Трамп неколку дена по преземањето на функцијата. Трамп му се восхитува на 25. претседател Вилијам Меккинли, републиканец, кој беше на функцијата од 1897 година до моментот кога беше убиен во 1901 година.
Експертите за таа ера велат дека Трамп го идеализира времето исполнето со владина и со деловна корупција, со социјални превирања и со нееднаквост. Тие тврдат дека тој, исто така, драматично ја преценува улогата на тарифите во стимулирањето на економијата која порасна најмногу поради други фактори, освен што САД ги зголемија даноците на увезените стоки.
А политиките на позлатената доба, тврдат тие, практично немаат никаква врска со тоа како функционира трговијата во глобализирана, модерна економија.
„Најневеројатно за историчарите е тоа што никој во економијата на позлатената доба − освен многу богатите − не сакаше да живее во економијата на позлатената доба“, вели Ричард Вајт, професор по историја на Универзитетот Стенфорд.
Трамп одамна зборува за тарифите.
„Јас сум тарифен човек“, рече Трамп во објава на интернет во 2018 година. Во кампањата за втор мандат минатата есен, Трамп ја глорифицираше ерата на Меккинли: „Ние бевме многу богата земја и ќе го правиме тоа сега.“ Белата куќа побрза да ги зголеми тарифите за увоз од Кина и за алуминиум и за челик произведени во странство, ветувајќи дека наскоро ќе се зголемат увозните давачки за Европската Унија.

Разбојнички барони
Дали Америка беше навистина најбогата од 1870 до 1913 година?
Позлатената доба се одликуваше со извонредно богатство за мала класа на луѓе, што во голема мера ја прикри неконтролираната сиромаштија за многу други Американци. Многу тогашни лидери беа под силно влијание на славните разбојнички барони, креатори на монополи кои ја поттикнаа индустријализацијата.


Џон Рокфелер стана пример на ерата кога неговата империја „Стандард оил“ го направи првиот милијардер во светот. Џ. П. Морган беше инвестициски банкар и легендарен финансиер на индустриски интереси. Корнелиус Вандербилт собра неверојатно богатство преку превозот и железницата, додека челичниот магнат Ендрју Карнеги беше и посветен филантроп, кој тврдеше дека богатите имаат морална одговорност своето богатство да го искористат за да направат нешто подобро во длабоко нееднаквото општество. Тој го изгради познатиот „Карнеги хол“ во Њујорк, светилиште за музичарите и една од најпознатите концертни сали во светот.
Некои историчари оваа доба ја нарекуваат втора индустриска револуција поради големите зголемувања во производството и во фабричкото производство. Но, тие подеми главно беа поттикнати од милиони имигранти кои се приклучија на работната сила во САД. Бројот на жители на САД скокна од 38,5 милиони во 1870 година на повеќе од 106 милиони до 1920 година.
Друг фактор беше одземањето на земјиштето од домородните Американци за време на американското проширување на запад. Тоа значеше искористување на природните ресурси на тој пат − вклучувајќи злато, сребро, дрво, пасишта и обработливо земјиште, како и јаглен, бакар и нафта, особено по откривањето на гејзерот Спиндлтоп (Spindletop) во Тексас во 1901 година.
Просечните плати се зголемија, но и нееднаквоста, без речиси никаква социјална заштита. Во меѓувреме, условите за работа често беа толку одвратни што работничкото движење почна да станува сила, како и прогресивните политичари кои бараа разбивање на монополите. Всушност, и покрај растот, животниот стандард падна, вклучувајќи го очекуваниот животен век.
Железниците драматично се проширија. Од 1871 до 1900 година, во Соединетите Држави беа поставени 270 000 километри пруга, повеќето од нив за изградба на трансконтиненталниот железнички систем. Дотогаш од Њујорк до Сан Франциско се патуваше шест месеци, а со железницата тоа се скрати на шест недели.
Кон крајот на 19 век, во голем дел од производството беа вклучени машини кои ги заменија квалификуваните работници, намалувајќи ги трошоците за работна сила и крајната продажна цена на стоките и на услугите. Наместо квалификуваните работници да го гледаат производот од почеток до крај, работните места честопати беа ограничени на една задача која се повторуваше бескрајно − како во филмот „Модерни времиња“ на Чарли Чаплин. Технолошките достигнувања, вклучително и фонографот и телефонот, настанаа за време на позлатената доба.
Друг производ на позлатената доба беше истражувачкото новинарство. Репортерите кои ја разоткриваа корупцијата меѓу политичарите од богатиот сталеж беа познати како макрејкерс (muckrakers) по нивната способност да копаат низ „калта“ на позлатената доба за да откријат скандали и кражби.
Таканаречените нативисти лобираа за ограничување на одредени имигрантски популации. Но, милиони дојдоа и покрај пречките. Децата на имигрантите почнаа да се асимилираат и покрај приговорите на нивните родители. Се роди уште еден белег на позлатената доба, Америка стана вистинска тава за топење.

Улогата на Вилијам Меккинли
Кога повеќето луѓе мислат на позлатената доба, тие мислат на екстравагантно богатите индустриски барони. Домовите на елитата на позлатената доба беа спектакуларни. Многу од најпознатите куќи во Америка беа изградени во тоа време, вклучувајќи го и имотот Билтмор на семејството Вандербилт, кој сè уште е најголемиот приватен дом во САД.


Позлатената доба во Америка заврши со почетокот на прогресивната ера во раните години на дваесеттиот век.
Меккинли беше водечки глас за тарифите во време кога доминираа во дискусиите за политиките бидејќи тие беа главен извор на приходи на федералната влада со оглед на тоа што не постоеше данок на доход.
Републиканецот Меккинли пораснал во североисточниот дел на Охајо, син на сопственик на леарница за железо, кој бил особено чувствителен на конкуренцијата од странство. Тој освои место во Конгресот претставувајќи ја областа за производство на челик и толку промовираше тарифи што еден хумористичен магазин користеше карикатура на својата корица за неласкаво да го нарече „Наполеон на протекционизмот“.
Како претседател на Комитетот за начини и средства на Претставничкиот дом, Меккинли се залагаше за Тарифниот акт од 1890 година, кој го постави тогаш највисокиот увозен данок во историјата на САД, зголемувајќи ги даноците на 49,5 % за повеќе од 1 500 производи − сè, од стакло до лимени чинии и каенски пипер. Резултатите брзо беа лоши за економијата и за републиканците.
Меккинли отскокна и беше избран за гувернер на Охајо и на крајот го освои претседателството во 1896 година со слоганот на кампањата што го повтори Трамп: „Јас сум тарифен човек кој стои на тарифна платформа.“ Неговата кампања, исто така, доби силен поттик од големите донации од големите индустријалци како Рокфелер.

Втора позлатена доба
Со влегувањето на Соединетите Држави во ера на зголемена нееднаквост во богатството, некои експерти ги споредуваат 20-тите години на 21 век со втора позлатена доба. И со зголемувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните се чини дека оваа проценка не е далеку од вистината. Еден ден по победата на Трамп, десетте најбогати луѓе во светот заработија дополнителни 64 милијарди долари. Оние кои гласаа за Трамп, во голема мерка обични работници, не добија ништо тој прв ден, освен политичко задоволство.
Ланскиот добитник на Нобеловата награда за економија, Дарон Аџемоглу, турско-американски економист и професор по економија на МИТ во Масачусетс, месец и пол пред американските избори напиша една извонредна анализа за тоа како „да се избегне новата позлатена доба“.
Технолошките милијардери како Бил Гејтс, Марк Цукерберг и Илон Маск не се само меѓу најбогатите луѓе во историјата на човештвото. Тие се, исто така, исклучително моќни – социјално, културно и политички. Иако ова е делумно одраз на општествениот статус што го придава нашето општество на богатството воопшто, тоа не е целата приказна.
Она што е важно, дури и повеќе од едноставното богатство, е тоа што овие конкретни милијардери се сметаат за претприемачки генијалци кои покажуваат уникатни нивоа на креативност, на смелост, на предвидливост и на експертиза за широк спектар на теми. Додадете го фактот дека многу од нив ги контролираат главните средства за комуникација – имено, клучните платформи за социјални медиуми – и ќе имате нешто речиси неспоредливо во поновата историја.
Коментаторите често прашуваат зошто на некој со стотици милиони долари некогаш би му требале уште стотици милиони. Има само малку работи што не можете да си ги дозволите ако веќе имате 500 милиони долари, па зошто да копнеете по 1 милијарда долари? Затоа што „милијардер“ е ранг на статус. Она што е важно не е моќта на трошење, туку престижот и моќта што им ги дава во однос на колегите“, напиша Аџемоглу во текстот во кој зборуваше за „диктатурата на дилентатизмот“.
Трамп ги искористи првите недели на функцијата за да се залага за експанзионизам на САД на начини невидени во модерната ера.
Тој одби да ја отфрли можноста американските воени сили да ја вратат контролата врз Панамскиот Канал и предложи купување на Гренланд од Данска, ја споменува Канада како 51. држава, па дури и да ги исели Палестинците од Појасот Газа и да ја претвори енклавата во приморска „ривиера“.
Во тоа има одгласи на Меккинли бидејќи, како претседател, тој ги прошири САД. Филипините, Гуам и Порторико станаа американски територии како дел од договорот со кој заврши Шпанско-американската војна во декември 1898 година.
Во меѓувреме, кратко по реизборот во 1900 година, Меккинли почна да ги преиспитува тарифите бидејќи посилната и сè уште растечката американска производствена база го натера повеќе да мисли на странските пазари.
Меккинли одржа говор во Бафало, Њујорк, велејќи: „Подготвен сум да ги симнам тарифите. Дури и јас. Дури и Вилијам Меккинли. Политиката на добра волја и пријателски трговски односи ќе ги спречат репресалиите. Договорите за реципроцитет се во склад со духот на времето. Мерките за одмазда не се.“
Еден ден по неговиот говор во Бафало, Меккинли беше застрелан од анархистот Леон Чолгош. Почина на 14 септември 1901 година.
Трамп е само на почетокот на својата тарфина војна со речиси целиот свет. Рано е да се каже како ќе тече таа и какви последици ќе има за светот (посебно за Кина, за ЕУ, за Канада и за Мексико), а какви за Соединетите Држави − затоа што секогаш стапот има два краја.

ПРЕПОРАЧАНО