Македонија
(Видео) Пратеници во инспекција: со стари дипломатски пасоши се поминува граница, со регуларните не

Пратениците Бране Петрушевски и Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ со автомобил тргнаа кон македонско-бугарската граница, со цел, како што велат, да проверат дали ќе им биде дозволен излез од државата со патните исправи со старото име.
Пратениците, покрај оваа патна исправа, носеа и дипломатски пасош со името Република Македонија. Кога го приложиле првиот пасош, не им било дозволено да ја напуштат државата, но со дипломатскиот добиле зелено светло.
Со @LefkovMile се упативме на граничениот премин Делчево. Погледнете како не затворија во “конзерва”
pic.twitter.com/7veAaNlph3
— Brane Petrushevski (@belichMacedonia) February 21, 2024
Како што може да се чуе на видеото, досега граничарите не добиле инструкции како да постапуваат со граѓаните што ќе приложат дипломатски пасош со името Република Македонија.
Лефков и Петрушевски повторно повикаа на промена на законот за да се продолжи важноста на патните исправи.
„Ако колегите од власта од СДСМ и ДУИ не сакаат да гласаат за законот со кој ќе се продолжи важноста на патните исправи за сите граѓани во Република Македонија, тогаш и етички и морално од нивна страна е да се откажат од дипломатските пасоши за и тие да сочувствуваат со граѓаните затворени како во конзерва“, порачаа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ние изгубивме, вие имате уште за што да се борите“ – осми марш на семејствата на починатите и повредените во Кочани

Семејствата на починатите и на повредените во пожарот во кочанската дискотека попладнево го организираа осмиот „Марш за ангелите“. Со пораката „Ние изгубивме, вие имате уште за што да се борите“ тргнаа од Паркот на Револуцијата, поминаа низ Трговскиот центар, кратко запреа пред зградата на Општина Кочани каде се сместени и инспекциите, а оттаму се упатија пред Одделението за внатрешни работи нагласувајќи дека нема да се откажат од барањето правда за своите најмили.
Родителите тврдат дека повеќето од оние кои треба да одговараат не се повикани на распит, ниту пак се осомничени. Велат дека во периодот на болка и тага биле принудени да ги проучуваат законите за да не бидат изманипулирани, а сите сознанија до кои дошле ќе ги објават на заеднички профил на социјалните мрежи.
„Документирано и потврдено е дека дискотеката „Пулс“ работела нелегално, но вие не можете да ги видите пропустите на институциите што се јавно достапни и очигледни. Дали при контрола на УЈП е констатиран прекршок, бидејќи нема договор за закуп и наплата на наемнина преку фолио издадено преку електронскиот систем. Министерството за економија и труд во електронскиот систем го имало податокот дека лиценцата на „Пулс“ не е обновена. Во регистерот на издадени лиценци за вршители на угостителска дејност, објавен во август 2024 година, ДПТУ „ММММ Кафе – клуб Пулс“ – Кочани е во одобрени лиценци за една година, а ја добило на 15 феврауари 2023 година. Зошто Државниот пазарен инспекторат не направил контрола за лиценцата која е неважечка. Министрите, инспекторите и вработените во инспекторатот не се меѓу осомничените за незаконско работење, а иако беше најавен, сѐ уште нема одговор зошто не е направена ревизија на лиценците“ кажаа родителите.
Тие велат дека кобната вечер повеќе законски членови се прекршени, а не е одговорено дали пиротехничките средства се набавени од правно или физичко лице, дали тоа имало одобрение и дали е запишано во судскиот регистар. Во дискотеката, како што кажаа родителите, биле присутни полициски лица кои биле во службена акција, но не знаат дали се повикани на распит.
Родителите порачаа дека остануваат на барањето за неселективност во постапката, а ако не ја добијат правдата пред домашните правосудни органи, вистината ќе ја обелоденат во меѓународни рамки.
Македонија
Филипче: Младите не заслужуваат ваква власт што им ја одзема иднината

Од трибината на Социјалдемократската младина на Македонија во Струмица, претседателот на СДСМ, Венко Филипче испрати остра критика до власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, со јасна порака: младите не заслужуваат ваква влада која им ја краде иднината.
„Младите луѓе во нашата земја, не заслужуваат вака влада. Влада што ја одзема можноста за прогрес. Влада која ви кажува дека можете да купите диплома за да напредувате. Влада што прави сè за да ви сугерира дека единствениот начин за успех е да имате членска книшка од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е срам за една демократска држава.“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ укажа дека младите се деморализирани од системот кој нуди корупција, партизација, неправда и сиромаштија.
„Се среќавам со млади секојдневно, гледам неверојатна енергија, идеи, желба за напредок. Но истовремено гледам и тага – затоа што овде им се одзема правото на фер шанса. Се создава чувство дека во Македонија не вреди да се бориш ако не си дел од партиската шема на власта.“
Филипче порача дека СДСМ е подготвен за борба за државата да се врати на вистинскиот пат, на патот на еднакви шанси, квалитетно образование, достоинствен живот за младите и европска иднина на земјата и ги повика младите на заедничка акција.
-И да знаете дека вие, како членови на Социјалдемократската младина на Македонија, сте наследници и на асномците, и на илинденците, и тоа е свето наследство. И со вашата активност, со вашата борба, ќе ја вратиме Македонија таму каде што заслужуваме да бидеме – на европскиот пат, во европското семејство на народите, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Арсовска донесе докази во Обвинителството за дивоградба во Чаир, најави дека ќе достави за уште 150

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска во Основното јавно обвинителство ги донесе доказите за легализирана дивоградба во Чаир со фалсификат документи. Според неа, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу е свесен дека сторил криивчно дело, затоа што еден час, откако таа го повика преку видео на Фејсбук, тој направил решение за поништување на сопственото решение за легализација.
„Доказ дека има направено кривично дело е тоа што го направи во изминатите денови. Да појаснам, на 27 мај откако излеговме на терен да алармираме за дивоградбата која што ја упишал базирана на фалсификати, еден час по нашето јавно излегување, додека се уште сме на терен и го чекаме Висар Ганиу да дојде и да ни ја презентира документација врз која што го извршил тоа запишување, тој прави решение за поништување на сопственото решение и го поднесува до Катастарот за недвижнини за да го избрише случајот за да може понатаму да ја уништи целата документација. Веднаш после еден ден, односно по помалку од 24 часа од приемот на документацијата во Катастарот на недвижнини во Град Скопје, самиот Катастар знаеше дека се неверодостојни“, кажа градоначалничката.
Арсовска вели дека за повикот на Обвинителството до Град Скопје дознала утрово од медиумите и нагласи дека доказите би требало да бидат добавени од Обвинителството по службена должност, бидејќи, како што рече, Град Скопје има пуштено повеќе од 15 соопштенија и сите наводи се јавно објавени. Сепак, најави дека ќе донесе 150 предмети.
„Не очекувам Обвинителството да влезе во Општина Чаир. И да влезат, ќе речат не нашле ништо, бидејќи сѐ е избришано. Но, во понеделник ќе дојдеме со 150 документи, бидејќи до понеделник не можат толку да избришат. Тука ги чекавме“, кажа градоначалничката.
„Доколку градоначалничката како службено лице има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“ велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат и дека се постапува по доставено известување од СВР Скопје и издадени се повеќе наредби по кои веќе се преземаат дејствија.
Во однос на заканите, Министерството за внатрешни работи е орган директно надлежен за заштита на животот на граѓаните, како и за откривање и спречување на тие што го загрозуваат, потенцираат од обвинителството.
Арсовска неколкупати досега нагласи и дека добива и закани по живот. Денеска на новинарско прашањето дали се чувствува заштитено од државата, таа рече: „од која држава, од овој којшто дозволува да се легализираат објекти кои што вредат милиони евра на грбот на граѓаните?“.