-Мистичната тишина на планината Крчин, облагородена од горската роса и од магловитата свежест, со молитвени химни и песнопенија ја отвори својата прегратка, за да го прими светлиот годишен спомен на божествените Кирил и Методиј – светлите апостоли меѓу Словените, кои го пренесоа насекаде Словото Божествено и го вдомија Христа во безброен народ. Тие, чиишто нозе поминаа недобројни гори и долини благовестејќи мир; чијшто поглед беше завртен не кон полињата на славата, туку кон возвисите на духот, повторно го посетија нашето време преку молитвеното празнување во Бигорскиот скит посветен на нив над селото Битуше, информираа од Бигорскиот манастир.
Додаваат дека во навечерието на споменот, се одржа празнична вечерна богослужба, на којашто молитвено претстоеше Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј – пастирот, чиешто срце е отворено како древен псалтир за восфаление Божјо и чијашто љубов кон Светите Браќа е неизбришливо впишана во ѕидовите на овој свештен скит.
-И навистина, љубовта на Старецот кон светите Рамноапостоли не е само историско признание за нивното дело или интелектуален опис, туку лична благодатна врска, духовна сродност, жива лоза од истото корениште на Словото и на молитвата. Токму таа љубов го роди овој скит, кој како една мала Магнаура на ридот, сега сведочи за тоа дека и македонската земја може да биде повторно евангелска, апостолска, посочуваат од манастирот.
На самиот ден на празникот, кога беше повторно воспевано духовното раѓање на народите во Христовото име, се отслужи утрена и Божествена Литургија со којашто чиноначалствуваше владиката г. Партениј.
Освен бигорските свештенослужители, во литургиското таинство сослужуваа и дебарскиот парохиски намесник, отец Миле Ангеловски и благоговејните презвитери Василиј и Михаил од Православната црква на Чешките земји и на Словачка, односно од благословената моравска земја, каде што некогаш учителствувале и проповедале Светите Учители.
-Тоа беше Евхаристија што непосредно ги поврзуваше земните со небесните. Преку неа повторно и повторно се откри смислата на подвигот на Светите Рамноапостоли: дека човекот станува светлина само кога е просветлен од Словото, дека културата станува корисна и спасителна само кога извира од Крстот, нагчасуваат од Бигорскиот манастир.
По завршувањето на Божествената Литургија во храмот на Светите Браќа во нивниот скит над Битуше, Бигорската света обител се собра во молитвено сеќавање за својот поранешен долгогодишен архипастир, блаженоупокоениот митрополит на богочувана Дебарско-кичевска епархија, дедо Тимотеј, по повод шест месеци од неговото упокојување. Владиката Партениј, со молитвена почит и благодатен мир, отслужи молитвен спомен за почитуваниот владика.
По традиција следуваше и културно-уметничка програма, во која зборот, песната и духовната традиција се соединија во еден благодарствен израз кон светите учители.
Темелите на овој скит беа осветени и поставени на 31 мај 2014 година, а првата литургија беше одржана на 24 мај 2017 година.
Иницијативата за градење и идејното решение беа на владиката Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кој, како што секогаш вели „има голема љубов и почит кон светите браќата Кирил и Методиј“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата