Втора среќа: Фридрих Мерц избран за германски канцелар
6 мај 2025Фридрих Мерц е нов германски канцелар. Бундестагот во вториот обид во вторникот му даде мнозинска поддршка на конзервативниот политичар, откако утрово Мерц доживеа неочекуван дебакл во парламентот. Иако новата германска владина коалиција, составена од конзервативните ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите, имаше мнозинство со 328 од вкупно 630 пратеници во Бундестагот, за новиот канцелар гласаа само 310 пратеници, со што не беше обезбедно потребното апсолутно мнозинство. Со оглед на тоа што гласањето во германскиот парламент е тајно, остана нејасно кој и зошто од владејачките пратеници не го поддржа изборот на новиот канцелар. И самиот Мерц делуваше шокирано откако беа соопштени резултатите од првото гласање. За првпат во историјата на Германија не беше избран канцелар иако претходно беше договорено неговото именување и обезбедено неопходното мнозинство.
Во второто гласање, довербата на Мерц му ја дадоа 325 пратеници.
Партијата на Мерц, ЦДУ победи на предвремените парламентарни избори во Германија во февруари 2025 година со освоени 28,5 отсто од гласовите. По изборите, Мерц договори коалиција со социјалдемократите кои завршија како трета најсилна партија во парламентот со освоени 16,4% од гласовите.