Во МКЦ синоќа беше отворена изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“, со дела на реномираниот македонски уметник и академик Глигор Чемерски. Станува збор за неизложувани дела кај нас. Целата ликовна поетика на Чемерски е во знак на еден егзистенцијален немир кој води до бескомпромисен и автентичен израз кој разрешил со умереноста, велат организаторите на изложбата.
Над 30 дела на еден од најплодните македонски модерни автори, Глигор Чемерски од вечерва за првпат и пред македонската јавност во Младинскиот културен центар. Најголем дел од цртежите и гвашевите кои се претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на Galerie du Fleuve, создадени во 1980- те и 1990- те години за време на неговиот престој во Париз. Чемерски беше постојано присутен на француската ликовна сцена, реализирајќи повеќе изложби во таа галерија, а често бил и нивен главен консултант при откуп на дела.
- Мислам дека тоа што беше одлучувачки во концепцијата беше токму интимноста на форматот на цртежите, меѓутоа интимноста и на самиот израз, затоа што одеднаш наспроти целата помпа (сепак во последната декада од животот на Глигор затоа што беше дојдено до ретроспективни изложби итн), излагаше во големи монографски, ретроспективни изложби кои беа институционално силни, големи и габаритни, а сега одеднаш ги гледаш овие ранливи цртежи во една папка како седат и истиот тој Глигор Чемерски ти се обраќа во оваа ситуација на еден многу понепосреден, директен, ранлив начин во најубавата смисла, да биде читано од директна позиција- Елена Чемерска, кураторка на изложбата.
Во инсистирањето на една ликовна транспозиција на светот, тој инсистира на пресоздавање на светот во неговата слика, на редот на сликата која нудејќи се како форма и како израз, ја заменува реалноста и создава нова реалност, посилна и поубедлива од случајниот реалитет на стварноста која ја живееме, вели Чемерска.
- Ми се чинеше дека во овој момент во светот кој што го живееме и е толку оптоварен со горливи прашања и кога секогаш водител, мотор е злото кое потекнува од капитализмот и нашата неможност да се справуваме со големината на тие проблеми, мислев дека е многу важно одново да се погледне во едно дело кое изобилува со ранливост и хумор, затоа што можноста да замислиш да создаваш такви светови во кои ранливоста и хуморот имаат пореферентно место е многу важно за нас денес- Елена Чемерска, кураторка на изложбата.
Делата на реномираниот македонски уметник и академик Глигор Чемерски се застапени во голем број на галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број награди и признанија. Чемерски работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф.
Нина Стефанова