• Иван Димовски
Ракометарите на Македонија забележаа круцијална победа, ја совладаа Литванија во клучниот натпревар од квалификациите со 26-17 (13-11) и се пласираа на осмо Европско првенство во низа! Нашата репрезентација го оправда фаворитскиот статус, одигра фуриозно второ полувреме и го декласира ривалот покажувајќи сила кога е најпотребно.
Селекторот Кирил Лазаров го потврди тимот кој славеше во четвртокот во Талин и првпат пред полна сала во СЦ „Јане Сандански“, Македонија тргна по клучна победа во евро-квалификациите. Нашиот старт не беше добар, а Литванците тоа добро го казнија. Гостите поведоа со 0-4 и уште во осмата минута го натераа селекторот Кирил Лазаров на тајм-аут. Првиот наш гол беше дело на капитенот Филип Кузмановски кој погоди за 1-4 од седум метри. Успеавме да се консолидираме, два гола врза Мартин Ивановски и стигнавме до 3-5. На Никола Митревски не му тргна меѓу стативите, па стручниот штаб се реши за промена. Мартин Томовски веднаш имаше импакт на играта, со неколку интервенции инспирираше наш кам-бек и со головите на Кузмановски, Костески и Серафимов стигнавме до 7-7. Со уште два гола на Мартин Серафимов нашата селекција првпат поведе (9-8). Во последните минути од првиот дел Македонија беше сигурна, стекна и водство од 13-10, па на одмор се замина со посакуваните два разлика (13-11).
Второто полувреме тргна перфектно за нас, погодуваа Милан Лазаревски, Серафимов и Иван Џонов од контра за 16-11 пред Литванците да го дадат првиот гол. Следуваше серија нереализирани напади на двете страни, а ние направивме и неколку технички грешки. „Постот“ од речиси пет минути без гол за нас го прекина Кузмановски од седум метри (17-12). Врзавме уште неколку брзоплети грешки, ама за среќа во тој период и ривалот даде само гол. Конечно се консолидиравме и со два врзани гола на Иван Џонов стигнавме до „+6“ (19-13). За дотогаш највисоки седум разлика се погрижи капитенот со два гола во низа за 21-14.
Лазаров свика тајм-аут, но имавме два нереализирани напади. Се обидовме со игра со два кружни напаѓачи, а тоа остави простор за Јагуриновски со финта да погоди за 22-14. Во следните минути погодуваа Пешевски и Серафимов, стигнавме на момент на девет разлика, а потоа ривалот намали на 24-16. Немаше Литванија решение за нашата гранитна одбрана и расположен Томовски, па во завршните минути предноста ја проби и двоцифрената маргина со голот на Дамјан Митев од седум метри (26-16). Македонија го затвори мечот со убедлива победа, докажувајќи дека местото ѝ е меѓу најдобрите на континентот и поразот во Вилнус беше само лош ден.
Радува разноврсноста меѓу стралците, бидејќи по пет гола дадоа Филип Кузмановски и Мартин Серафимов, по три имаа Пешевски и Џонов, двапати стрелаа Ивановски, Лазаревски, Јагуриновски...