ВИДЕО: Матета е гол-мајстор, ја искористи грешката на „топџиите“ за голем бод на Кристал Палас

Фудбалерите на Арсенал, по пласманот во полуфиналето од Лигата на шампионите, како да не се многу заинтересирани за Премиер лигата и тоа го докажаа со вечерашното реми со Кристал Палас во рамките од 34. коло од англиската елита (2-2).

„Топџиите“, кои на еден начин ја загубија трката за шампионскиот трофеј со Ливерпул, вечерва на терен истрчаа со комбиниран состав, без неколку ѕвезди од првата минута. Но, тоа не беше проблем за избраниците на Микел Артета да одиграат уште една одлична партија која ја отворија со погодок по само три минути игра. Дефанзивецот од Полска, Кивиор, го матира Хендерсон и Арсенал поведе со 1-0. 

Сепак, првата ѕвезда на „орлите“ по заминувањето на Олисе, Езе, брзо го врати својот тим во игра и во 27. минута израмни на 1-1. Веќе во следниот напад некогашниот напаѓач на Арсенал, Еди Нкетиа пропушти колосална можност за целосен пресврт, а на спротивната страна Леандро Тросар ја искористи својата шанса и во самиот финиш од полувремето погоди за ново водство на домаќинот од 2-1.

Во вториот дел Габриел Мартинели го совлада Хендерсон, но по прегледите во ВАР собата голот на бразилскиот офанзивец беше поништен. И кога се очекуваше дека трите бода ќе останат на „Емирати“, првиот стрелец на „орлите“ оваа сезона, Жан-Клод Матета, искусно ја искористи грешката на домашната одбрана и со мајсторски лоб го совлада Раја и на Кристал Палас му донесе огромен бод од ова гостување (2-2). 

Со ова реми на второпласираниот Арсенал, на Ливерпул му треба само уште еден бод за математичка потврда на титулата. Во следното коло Арсенал ќе се судри со Борнмут, додека Кристал Палас ќе го пречека Нотингем Форест.