• Саше Љолес
Екипата на Сандерленд со чудесен пресврт успеа да го надигра Шефилд Јунајтед во финалето од плеј-офот во англискиот Чемпионшип и славеше со конечни 1-2 (1-0), обезбедувајќи учество во Премиер лигата следната сезона.
Шефилд беше многу подобар ривал во првото полувреме, поведе со голот на Тајрис Кембел во 25. минута, а потоа Харисон Бароус стрелаше уште еднаш, но голот беше поништен поради офсајд. Екипите заминаа на 15-минутен одмор со минимална предност за Шефилд (1-0).
Сандерленд одигра многу посериозно во вториот дел, се чинеше дека е во одличен налет, па најпрво успеа да израмни во 76. минута преку Елизер Мајенда, а експлозијата на трибините на донесе „детето“ на клубот, Том Вотсон, кој режираше комплетен пресврт 95. минута и го одведе својот тим во Премиер лигата.
Навивачите на Сандерленд предизвикаа вистински земјотрес на „Вембли“, беа во целосен транс и на крајот заслужено се радуваа на огромен триумф со кој нивните миленици се враќаат во елитата, првпат после сезоната 2016/17.