• Саше Љолес
Бразилецот Даглас Луис нема сезона од соништата во италијанскиот Јувентус, а деновиве реши да се огласи и по повод жестоките критики кои ги добива од навивачите.
Се очекуваше Луис да биде големо засилување за „бјанконерите“, но одигра само 16 мечеви во Серија А, без да постигне ниту еден гол. Навивачите го критикуваа затоа што бил многу активен на социјалните мрежи, на што Бразилецот реши да возврати.
„Не дојдов во Торино за да објавувам фотографии, сакав работите да бидат поинакви. Дојдов тука со цел да остварам големи успеси. Го слушав своето срце кога одлучив да потпишам за Јувентус.
Не можам да сфатам зошто ниту еднаш не одиграв два меча во низа. Ми велеа дека не сум подготвен, а јас знам дека можам да го дадам мојот максимум.
Играв на сите пријателски и подготвителни мечеви, а претходно бев меѓу најдобрите играчи во Премиер лигата. Се надевам дека работите ќе се променат во позитивна насока“, напиша Луис.
Даглас Луиз беше доведен во Јувентус за сума од 50 милиони евра. Пристигна од Астон Вила, а претходно ги бранеше боите на Џирона, Манчестер Сити и Васко Де Гама.