Неверојатен реванш-меч играат Интер и Барселона во полуфиналето од Лигата на шампионите. Откако првиот меч во Барселона заврши 3:3, вечерва и на „Џузепе Меаца“ резултатот по 90 минути е 3:3, што значи дека вкупниот резултат е 6:6 и ќе мора да се играат дополнителни 30 минути, а можеби ќе треба да има и пенали за да се дознае патникот во финалето.
Возбудувањата започнаа со голот на Лаутаро Мартинес во 21-вата минута, а во финишот од првото полувреме предноста на домаќините беше удвоена кога Хакан Чалханоглу погоди од пенал.
Претходно фаулиран беше Лаутаро Мартинес, судијата Марчињак не досуди ништо, но по реакција од ВАР-собата, беше покажано на белата точка, а Интер поведе со 2:0.
Во второто полувреме Барселона тргна на сè или ништо. Пресвртот на каталонскиот гигант го најави Ерик Гарсија, кој даде прекрасен гол во 54-тата минута, намалувајќи на 2:1.
Само шест минути по голот на Ерик Гарсија, следуваше нова радост за гостите, а стрелец беше Дани Олмо.
Барселона направи целосен пресврт со погодокот на Рафиња во 87-мата минута и гостите поведоа со 3:2.
Сепак, тука не беше крајот. Се играа пет минути продолженија, а интер успеа да израмни на 3:3. Ачерби донесе голема радост и го спаси Интер од елиминација со гол во 90+3 минута.