Science.mk е прв (и сè уште единствен) агрегатор за вести од науката и технологијата во Македонија кој постои од 2020 година и е создаден од Бранко Прља и Владимир Карер.
Агрегаторот ги опфаќа домашните сајтови за наука и технологија како arno.mk, usb.mk, fakulteti.mk, emiter.com.mk, astronomija.mk, intelmacedonia и други. Во импресумот се наведени и други домашни сајтови кои имаат „тагови“ за наука или технологија, како и неколку странски сајтови кои примарно се занимаваат со наука.

Зошто science.mk е битен проект и зошто треба да и веруваме на науката
На Science.mk е наведено дека се работи за „агрегатор на кој можете да ги најдете сите најнови вести од науката и технологијата. Гледајте на него како на помошна алатка против дезинформациите и ширењето на теориите на заговор. Вестите ги преземаме од проверени извори и сајтови на кои им веруваме. Сметаме дека во денешно време е многу битно да се информираме од вистински извори и да бидеме објективни, зашто дезинформациите можат да доведат до погрешни одлуки не само лично за нас, туку и пошироко. Сите имаме голема одговорност во денешно време, кога сме „бомбардирани“ со информации, да се едуцираме и да истражуваме што е можно повеќе пред да донесеме заклучок. Во науката е иднината!“
Што е целта на science.mk и што понатаму?
Целта е да се поттикне интересот за науката и технологијата во нашата средина. На англиски постојат безброј интересни сајтови, подкасти, портали, блогови, Јутјуб канали за истата тематика, но нашата цел е да се поттикне домашната публика да ги чита домашните содржини. За жал тие не се многу и голем број од популарните и посетените портали воопшто немаат категорија „наука.“ Нашата цел е да дадеме придонес тоа да се смени. Агрегатори за спорт има безброј, за наука има само еден, но мора да се тргне од некаде.
Би сакале нашите деца да раснат во општество во кое се почитува науката, екологијата, уметноста и технологијата, наместо турбо-фолкот, спортската прогноза, турските серии и трач-муабетите. За жал, далеку сме од тоа, но „еј“ – мора да се надеваме!