Ах тие 90-ти, деценија непреболена... барем за мене, а сигурна сум дека и за сите оние кои растеа и се бунтуваа пред да настапи новиот милениум.
Другарство, музика, полни паркови, без мобилни телефони, без следбеници на Instagram, без фотошопирани фотки што чекаат милион лајкови...Тоа беше реално, безгрижно време, без притисок дали ќе бидеме видени и признаени од незнајни виртуелни пријатели.
Јас не можам да ги заборавам моите 90-ти, а верувам и многу од вас. Затоа ќе се обидеме да вратиме еден дел од магијата низ неколку работи што секогаш ќе не потсетуваат на оваа декада.
Слушање музика на касети
Една од моите омилени активности, особено кога ќе ја пуштеа омилената песна на радио и ќе се обидевме да ја снимиме на касета. Нели, за да можеме после да ја ставиме едно стотина пати на repeat.
Вртење на број
Да, баш она вртење на број на фиксен телефон, магични шест цифри кои што требаше да ги свртиме докрај за да се чуеме со тој што ни треба. Тука беше и моментот на сврти и спушти...и никој немаше да знае кој си.
Игрите надвор
Улицата беше наша и седевме таму со часови. Смислувавме игри само за да останеме подолго и да се дружиме. Без никави смартфони, таблети и компјутери. Доволен ни беше ластик, џамлии, стапчиња, топки, плочка...
Слики од фотоапарати
Вистински фотоапарати и возбудата кога чекавме да ги видиме сликите, понекогаш и по еден месец, зошто едноставно филмот од 36 слики треба да се потроши пред да ги извадиме.
Бендовите од 90-те
Дефиниција за boy или girl бенд беа Spice girls и Backstreet boys, бендот мораше да има четири или пет ликови, секој со посебен стил и приказна. Секако си одбиравме кој лик од тој бенд ќе бидеме и ние за да нема караници после кога ќе ја правиме кореографијата.
Вокмен
Сите фраери и фраерки имаа вокмен, а останатите сакаа да се дружат со нив за да им дадат малку да послушаат музика и да се осетат кул.
Нинтендо
Технолошкиот крик нинтендото, што за многумина беше зараза, особено ако сакаш да ја спасиш принцезата на супер Марио. Не знам за вас, ама јас открив верзија во која што Марио беше бесмртен и можете да ја замислите сета среќа на светот.
Макарена, Титаник и Сам дома
Дефиниција за најиграна кореографија, најмногу пролеани солзи пред малите екрани, и филм без којшто ниеден Божиќ и Нова Година не можеше да се замисли во 90-те.
И да... големите замисли надежи и подготовки за новиот милениум и што тој ќе донесе.
Видовме и посведочивме... голем технолошки бум, виртуелни пријатели и малку поинаква слика од она што си го замислуваше мојата генерација.
Но, уште сме тука и додека сме ќе си го носиме споменот на нашето време.
За останатите помладите генерации, ќе порачам...обидете се да создадете вистински опипливи спомени на кои што ќе се сеќавате со драго срце и бистар ум.
Поздрав генерацијо!