Во 45 компании
низ Германија започна имплементацијата на четиридневната работна недела.
Во тој период ќе
се утврдуваат ефектите од намаленото работно време врз платата како за
петдневната работна недела.
Тестирањето ќе
трае половина година.
Иницијативата за
четиридневна работна недела ја предводи берлинската консултантска компанија
Intraprenor во соработка со непрофитната организација 4 Day Week Global (4DWG).
Застапниците за скратување на работната недела се надеваат дека тоа ќе ги
направи работниците посреќни и попродуктивни во време кога растот на
продуктивноста во Германија е бавен и има недостиг на работна сила, пишува
SEEbiz.
Според податоците
на Централната банка на Германија (Deutsche Bundesbank), врвот на
продуктивноста во оваа земја бил во ноември 2017 година и оттогаш континуирано
се намалува. Сепак, таа продуктивност е сè уште далеку повисока од онаа на
другите големи европски економии.
Според
застапниците на четиридневната работна недела и повеќето од оние кои имаа
можност да работат четири дена во неделата, тоа ќе ја зголеми благосостојбата
на работниците, ќе ги направи попродуктивни.
Се верува дека
тоа би ги поттикнало оние кои не сакаат да работат бидејќи сметаат дека
петдневната работна недела е предолга за да се вработат. Така, постои можност
за ублажување на проблемот со недостигот на работна сила.
Германската
трговска и индустриска комора (ДИХК) во ноември 2023 година објави дека
половина од германските компании се борат да пополнат работни места. Извршниот
директор на ДИХК, Аким Деркс, истакна дека илјадници непополнети работни места
минатата година предизвикале загуба од 90 милијарди евра, што е повеќе од два
отсто од БДП на Германија.
Според
истражувањето на Форбс, 71 отсто од вработените Германци сакаат да можат да
работат четири дена во неделата. Повеќе од три четвртини ја поддржуваат
одлуката на Владата да размислува за воведување четиридневна работна недела, а
двајца од тројца работодавачи ја поддржуваат и одлуката на Владата.
Значително
мнозинство (75 отсто) сметаат дека четиридневната работна недела би била
пожелна за вработените, додека 59 отсто сметаат дека тоа би било прифатливо за
работодавците. Речиси половина од работодавците (46 проценти) веруваат дека
тестирањето на четиридневната работна недела е изводливо на работното место,
пренесува Euronews.