Инвестиции во инфраструктура
Три плус - за патната инфраструктура во земјава. Ова е оценката која ја даваат сообраќајните експерти. Граѓаните пак велат тоа е и висока бројка за фактичката состојба на терен.
Дупки, крпеници, недовршени коловози има низ скоро сите региони.Автопати во изградба со децении и се повеќе сообраќајни незгоди. Скоро сите поголеми инфраструктурни проекти се градат со заеми, и се проследени со низа контроверзии.
Изградбата на автопатите од Коридорите 8 и 10 што ги гради конзорциумот Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваа со скандали. Прво се заобиколија закони и се донесе нов" тет а тет "закон за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот беше поврзан со скандали. Но, и покрај критиките од медиумите и од опозицијата за компаниите избрани за надзор, претходната Влада и Бехтел и Енка го потпишаa договорот а сегашната ја продолжи соработката иако додека беше опозиција гласно алармираше за наводен криминал.
Договорот беше склучен пред две години но изградбата започнува сега поради проблеми со експропријацијата за која државата треба да потроши 300 милиони евра.
Уште поскандалозен е автопатот Кичево Охрид, 57 км делница која се гради една деценија. И за овој автопат беше донесе специјален закон со беше склучен директен договор со кинеската компанија „Синохидро“, заобиколувајќи ја процедурата за јавни набавки.Истиот државата досега ја чини околу 600 милиони евра а според најновите најави ќе биде пуштен до крајот на следната година.
Инаку буџетот за капиталните расходи за 2025 та за Министерството за транспорт и врски изнесува скоро 248,2 милиони евра, од оваа сума 130 милиони се за патна инфраструктура,45,3 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините а 25,8 милиони евра за железничката инфраструктура.