На погребот на папата Франциск, се очекува над 200.000 луѓе да бидат присутни на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан во сабота наутро, процени Комитетот за јавен ред и безбедност на префектурата Рим на состанокот со кој претседаваше италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози.
Се очекува во Рим да пристигнат и најмалку сто странски делегации. Како што е најавено, повеќето странски делегации ќе пристигнат во Рим во сабота и ќе заминат во текот на денот, додека се очекува американскиот претседател Доналд Трамп да пристигне во Рим во петок.
Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Берголјо во Буенос Аирес, Аргентина, беше првиот латиноамерикански папа. Тој почина на 21 април на 89-годишна возраст, а директорот на Одделот за здравство и хигиена на Ватикан, Андреа Арканџели, објави дека папата починал од мозочен удар и срцева слабост.
Според Канцеларијата за литургиски настани на Ватикан, тој ќе биде погребан во сабота, на 26 април, пренесува Танјуг.