„Путин го влече Трамп за нос“
20 мај 2025Кога се споредуваат информациите што доаѓаат од Кремљ и соопштенијата за печатот од Белата куќа за новиот, трет телефонски разговор меѓу Путин и Трамп, се добива впечаток дека Вашингтон постојано му дава на овој чин сè поголемо значење, додека Москва му дава сè помало значење. Американскиот претседател Доналд Трамп зборуваше за „многу важен ден“. Путин, пак, не ни беше физички во Кремљ за време на тој телефонски разговор, тој бил во училиште на периферијата на Краснодар во јужна Русија, потврди прес-службата на Кремљ. По разговорот тој впечаток дополнително го потврди и начинот на кој двајцата претседатели реагираа на чинот.
Трамп еуфоричен, Путин трезвен
Трамп беше воодушевен: Русија и Украина, рече тој, веднаш ќе започнат директни мировни преговори. За (пред)условите, додаде, ќе се договорат двете страни. Русија сака да тргува со САД веднаш штом ќе заврши „крвопролевањето“ во Украина, изјави шефот на Белата куќа. И додаде дека Русија на тој начин може да отвори огромен број работни места и да заработи многу пари. Потенцијалот за ова е неограничен, смета Трамп.
И Украина исто така може да има корист од трговијата, откако земјата ќе биде обновена по војната, заклучи американскиот претседател.
Путин, од друга страна, трезвен: разговорот бил отворен, информативен и корисен, објави Кремљ. Русија се залага за мирно решение и сега мора да се најде начин за постигнување мир, додаде тој. Русија, тврди Путин, е подготвена да работи со Украина на „меморандум за некаков иден договор“ - на принципи, временски рокови и слично, вклучително и можно привремено примирје, доколку се постигне соодветен договор.
Руската експертка за Америка, Александра Филипенко, во интервју за ДВ заклучи дека реакциите на Трамп и Путин „радикално“ се разликуваат во однос на содржината и тонот, што значи дека самиот разговор нема никаква корист. Филипенко иронично додава: „Се договорија, како што често прават... да се договорат понатаму“.
Притоа, таа напоменува дека Путин во својата реакција повторно зборувал за „причините за војната“, кои резултираат со барањата на Москва, кои се неприфатливи за Украинците. Ова се однесува на откажување на Украина од членството во НАТО, односно признавањето на регионите што ги анектираше Москва како руска територија. Ова не е ништо ново во споредба со 2022 година, вели политикологот, значи од времето кога и што започна војната: „Путин не мрдна ниту милиметар од своите позиции“. Напротив, шефот на Кремљ „цврсто ги зацементира“ своите позиции, додава нашата соговорничка. И затоа таа верува: „Овде воопшто не може да се зборува за некаков пробив“.
„Гласна празнина“
Рускиот политички аналитичар од Виена, Михаил Комин, реакцијата на Путин и на Трамп на телефонскиот разговор ја нарече „громка празнина“. Во интервју за ДВ тој се прашува: „Па за што тие двајцата разговараа цели два часа?" И Трамп и Путин знаеја дека не можат да се убедат меѓусебно во нивните аргументи, вели Комин. И затоа аналитичарот претпоставува дека двајцата претседатели всушност разговарале за сосема различни теми, пред сѐ за билатералните економски односи меѓу Русија и САД: „...кога Трамп веќе се радува на идното воспоставување трговски односи со Русија“.
Ова не е добро за Украина и нејзините европски сојузници, вели Комин, „бидејќи покажува дека планот на Путин за одложување на преговорите функционира“. А тој план се состои од две точки, вели нашиот соговорник: број еден е дека Доналд Трамп не смее да се иритира, за да се спречи повеќе да ѝ помага на Украина. Станува збор за дополнителни санкции против Русија или ново, уште поголемо снабдување со оружје за Украина, вели Комин: „Кремљ сака Трамп во секој случај да остане барем неутрален“. И успева, додава аналитичарот.
А точката број два во стратегијата на Путин е да не се согласува со ништо, да отфрли сè, да не прави компромиси и да продолжи да ја напаѓа Украина, тврди Комин. Кремљ не гледа причина сега да ја прекине војната, бидејќи според него ситуацијата на фронтот се развива во полза на Русија, смета експертот од Виена.
Комин додава дека не станува збор за каква било глобална изолација на Русија и затоа нашиот соговорник смета дека тактиката на одложување е најважна за Кремљ во овој момент.
Во овој контекст, меморандумот за кој Путин најави дека е подготвен да го потпише со Украина е само меморандум и ништо повеќе, критикува Александра Филипенко. Таа смета дека тоа е безвредно парче хартија, бидејќи не ги обврзува потписниците на ништо.
Ентузијастичките реакции на Трамп на телефонскиот разговор со Путин не се ништо повеќе од шоу за сопствените гласачи дома, заклучува Филипенко. И тоа не беше ништо посебно, додава таа, „бидејќи Доналд Трамп секогаш така зборува“. Овој политиколог идните преговори за Украина ги гледа многу повеќе во доменот на американскиот Стејт департмент, пред сѐ на американскиот Конгрес, кој би можел да усвои нови санкции против Русија.
Путин „не е под притисок“
Но, сето тоа е хипотетички, нешто што може да се случи во иднина, вели Филипенко. Таа додава дека во моментов Путин не е под никаков притисок. Трамп, вели таа, можеше да се закани со санкции, „но наместо тоа, тој зборува за трговските можности за интегрирање на Путин во мировните преговори“. Американскиот претседател тврди дека мирот ќе го постигне преку трговија, вели нашиот соговорник: „Но, некој како Владимир Путин воопшто не е импресиониран од таквата тактика. Тој е апсолутно сигурен дека вака или онака ќе ги склучи сите потребни договори“.
Ниту Филипенко не гледа никакви шанси за скоро постигнување мир во Украина и уште еднаш ја нагласува важноста на одлуката на Конгресот. Најдоцна сега, кога е јасно дека Путин го влече Трамп за нос, Конгресот треба да преземе акција, во спротивно работите изгледаат лошо за Украина, заклучува оваа експертка.