30.05.2025 14:57
Вести Македонија Топ вести

Максимални препукувања за минималната плата

Дајте им на работниците минимална плата од 500 евра. Ќе им дадевме да не ги украдевте парите. Меѓупартиските препукувања меѓу опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат и денеска, додека работниците со нетрпение чекаат да видат дали минималецот ќе се покачи за 1800 или за 8000 денари.

Синдикатите бараат минималната плата да биде 500 евра, дел од работодавачите се согласуваат, но бараат владата да ги субвенционира придонесите за да може да има толкаво покачување. Владата вели ќе прифатиме сè што ќе се договорите, но не се изјасни дали е прифатливо барањето за субвенционирање придонеси. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска претходно изјави дека тоа барање е неприфатливо, и оти земјава споредено со регионот овие давачки се пониски и дека работодавачите треба да ги плаќаат.

Потпретседателката на СДСМ Каја Шукова денеска изјави дека животниот стандард се намалува, а владата не презема ништо за да се подобри.

„СДСМ бара и поддржува покачување на минималната плата на 500 евра, бидејќи ова ќе поттикне раст на сите плати. Оваа стратегија која СДСМ доследно ја спроведуваше додека беше на власт даваше резултати. Благодарение на овој пристап, со СДСМ беа потребни само две минимални плати да се покрие потрошувачката кошничка, а денес со ДПМНЕ се потребни три. Ако минималната плата не се зголеми на 500 евра, тоа ќе значи дополнително влошување на животот за илјадници семејства, кои веќе едвај врзуваат крај со крај“, вели Шукова.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира дека криминалот на СДСМ ги чини граѓаните многу и оти со растот на економијата ќе растат и платите и пензиите.

„Да не беше криминалот на СДС и ДУИ, може и ќе имаше за поголеми плати, парите отидоа кај Груби, Заев и Ковачевски. СДС ја испокраде државата. 7 години преку тендери и матни зделки испумпаа милиони. Додека СДС беа на власт државата тонеше во вртлогот на беспарицата“, реагира владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Минималната плата од овој месец според законот треба да се покачи од сегашните 22.500 на околу 24.500 денари, но синдикатите сметаат дека тоа не е доволно. Сојузот на синдикати на Македонија прво бараше минимална плата од 450 евра, но пред десетина дена соопштија дека таа сума веќе не е во игра и бараат 500 евра, а за разликата од 6.000 денари, работодавачите да бидат ослободени од придонеси, односно да бидат субвенционирани 12 месеци. Дел од бизнис организациите се согласуваат со ваквото барање. Дополнителен проблем е што ниеден синдикат сега нема репрезентативност, затоа што е истечена, па нема мандат да преговара. Владата треба да формира Комисија што ќе ја утврди репрезентативноста на синдикатот, за преговорите да продолжат.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Филипче лобира, експертите очекуваат отпор за извештајот во ЕП

Дејан Дејан

Се бараат итни измени во Изборниот законик за независните кандидати

Дејан Дејан

Институт за демократија: При зелената транзиција главен проблем останува јагленот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе