Толку од трпението на РБ Лајпциг, Розе доби отказ!

Германскиот фудбалски тренер Марко Розе повеќе не е на чело на РБ Лајпциг, објави клубот на официјалните профили на социјалните мрежи.

Во соопштението се додава дека клубот ја прекинал соработката и со помошните тренери Александар Циклер, Марко Курт и Франк Гајдек.

„Верувавме во долгорочна соработка со Марко и неговиот тим, се обидовме сè заедно да ја свртиме ситуацијата. Сепак, со оглед на развојот на настаните и континуираниот недостаток на резултати, сите сме цврсто убедени дека ни е потребен нов поттик за да ги постигнеме нашите цели оваа сезона", изјави спортскиот директор на Лајпциг, Марсел Шефер.

48-годишниот Розе го презеде Лајпциг во септември 2022 година, а претходно ги тренираше Борусија Дортмунд, Борусија Менхенгладбах и Салцбург, а со Лајпциг го освои германскиот Куп и Суперкупот во 2023 година. Лајпциг моментално е на шестото место на табелата во Бундеслигата со 42 бода.