Почина еден од најзначајните јапонски креатори, Исеј Мијаке познат и по дизајнот на црните ролки на Стив Џобс

10 август 2022

Во 84-та година од животот на 5-ти август почина еден од најзначајните јапонски дизајнери, Исеј Мијаке, од рак на црниот дроб.

Важеше за еден од најиновативните креатори кој благодарение на своите експерименти со материјалите и силуетите и спојот на модерните и традиционалните техники, им понуди нова визија на западните дизајнери.

Беше препознатлив по неговата скулптурална игра со плисето, па во 80-те години ја лансираше неговата култна линија плисирани парчиња „Pleats, Please", кои даваат бесконечна слобода во движењето, а притоа не се гужват. Ткаенините ги обликувал така што ги ставал меѓу два слоја хартија под пегла, со што добивал препознатливи и иновативни форми, кои по него нашироко беа прифатени во модниот свет.
Во неговата кариера, голем печат ќе остави и неговата соработка со Стив Џобс за кого ги креираше познатите црни ролки.

Почетоците...

Исеј Мијаке е роден во Хирошима во 1938 година, имал седум години и бил во училиште кога врз неговиот град била фрлена атомска бомба од САД. Во јавноста секогаш одбивал да зборува на таа тема, бидејќи не сакал да биде препознаван како „дизајнерот што ја преживеал бомбата".
Во суштина тој бил и многу скромен, а и голем хуманитарец. Од неговото семејство дури побарал да биде погребан без церемонии...

Фото: PIERRE GUILLAUD / AFP

По завршувањето на студиите по графички дизајн во Токио, во 60-те години се преселил во Париз каде што студирал моден дизајн и работел за модни великани како Убер де Живанши и Ларош.
Мијаке и Такада биле првите јапонски дизајнери во Париз кои го покренале бранот на јапонски дизајн во главната модна метропола, па и во целиот свет. Потоа им се придружуваат и Реи Кавакубо и Јоши Јамамото, сите легенди на јапонскиот моден дизајн. Но, Мијаке со својот пристап кон работата, бил единствен и можеби најголемиот меѓу нив.

Модна револуција и сопствен бренд...

Во 1970-та повторно се враќа во Токио и основа сосптвен бренд. Експериментира со формите и материјалите, имплементира метал, пластика, хартија, во своите дизајни и започнува еден бескрајно инспиративна естетика која ќе биде предизвик за модниот свет.

Неговиот бренд добива уште пошироки размери и освен облека, почнал да дизајнира и модни додатоци.
Она по што неговиот дизајн се разликува од дизајнот на западните креатори, биле кроевите. Мијаке во нивното креирање храбро се повикувал на јапонската традиција, создавајќи облека со техники како што е оригами (јапонска техника на моделирање хартија).

„Сфатив дека мојата мана, односно недостаток, недоволното познавање на западната мода, е всушност моја предност. Бев ослободен од западната традиција и начин на работа. Недостатокот на таа западна традиција беше всушност тоа што ми беше потребно за да креирам модерна и универзална мода", вели дизајнерот во својот говор за Japan Society, непрофитна организација од Сан Франциско која се занимава со едукација и одностеи меѓу САД и Јапонија.

 Плисе како симбол на препознатливост...

Работата со плисе е симбол на неговиот дизајн. Создавал нови техники на развој на плисираните ткаенини, а потоа истите ги користел во своите иновативни креации најчесто во склуптурални форми.
Одбивал да користи термини како мода и висока мода, а не се согласувал и неговата работа да биде споредувана со уметност. Наспроти тоа, тврдел дека креира стил базиран на реалниот живот, односно дека едноставно тој изработува нешта. Но, иако бил исклучително скромен, неговите дела доволно говорат за неговата големина. Во текот на својата кариера од пет децении, успеал на пазарот да пласира 15 брендови и линии под своето име, од кои денес активни се девет, а го создал и маетралниот хит парфем L'eau d'Issey.

Во пензија се повлекол во 1997 година, а во меѓувреме се посветил на научно-истражувачки процеси.

Фото: YOSHIKAZU TSUNO / AFP)

Фото: PATRICK KOVARIK / AFP

 

 

Објавено:
10 август 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
698 пати