Со кривични пријави против угостителскиот хаос во Кочани
18 јуни 2025Три месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ сѐ уште има угостителски објекти во Кочани кои работат спротивно на законските прописи и стандарди, загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните. За ова алармираше в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски кој поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за узурпација на јавна површина и бесправна градба.
На прес-конференција пред Обвинителството, Крстевски рече дека „на угостителите кои работат нерегуларно и незаконски поважен им е личниот профит, отколку безбедноста и здравјето на граѓаните“.
„Загрозени се жителите во тие згради, но и посетителите на нивните објекти. И тоа нема да го толерирам затоа што ова е најтешкиот период во поновата историја на Кочани. Не смееме да замижиме по огромната несреќа и да дозволиме институциите сѐ уште да не функционираат. Поради тоа поднесувам кривична пријава против угостители и се надевам на брза и ефикасна реакција од страна на Обвинителството за да не ни се случи „Пулс 2“, порача Крстевски.
Општинската инспекторка за животна средина ќе треба во наредниот период да ги провери сите елаборати на угостителските објекти. Во меѓувреме, Општина Кочани почнала постапка за отстранување на угостителски објекти во Трговскиот центар во Кочани кои се бесправно изградени на јавна површина.
Ќе се гради споменик за жртвите во пожарот
Пријавите следат по трагедијата во Кочани, во којашто на 16 март во голем пожар во дискотеката „Пулс“загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Со буџетски средства ќе се гради споменик за настраданите во пожарот во Кочани, откако вакават иницијатива доби поддршка на собраниската Комисија за финасирање и буџет.
„Сакаме да оддаме почит, но и да оставиме траен белег што ќе повикува на одговорност и безбедност на идните генерации. Барањето е овој споменик да биде поставен во централното градско подрачје, таму каде што ќе биде видлив како жив спомен, но и како предупредување. Ова не е момент за политика, ве замолувам сите за поддршка, ова е момент за заедништво, почит и сеќавање“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Дилемите и сомнежите околу истрагата за Кочани наскоро ќе се најдат и на надзорна расправа во Собранието на Северна Македонија, откако помина третиот обид на партијата Левица. Тие информираа дека на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот - со која претседава Димитар Апасиев, е усвоена иницијативата за надзорна расправа. На седницата не присуствувале пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Лекување и донации за повредените
Во меѓувреме се приспособува простор во болницата во Кочани, а ќе се вработуваат и ново кадри со цел да се соддадат услови за лекување на повредените во пожарот. Наскоро се очекува на рехабилитација во Пониква да замине и првата група на млади луѓе, на коишто им треба дополнително лекување.
Министерот за здравство, Азир Алиу, на брифинг со новинарите, најави дека Министерството за здравство (МЗ) ќе раководи со процесите за тоа какви донации се потребни за семејствата на настраданите и за повредените во дискотеката во Кочани.
„Имавме неколкучасовна средба со експерти, родители, млади кои беа директно засегнати во трагедијата и слично. Одлучивме дека крајно време е Министерството за здравство заедно со Владата да преземе лидерство во координацијата со сите процеси, во врска со тоа каков вид на донации се потребни. Министерството ќе ја раководи работната група, во која ќе има и претставници од други институции“, потенцираше тој.
Алиу информираше дека ќе се отвори и мултифункционален иновативен центар, што ќе нуди различни услуги, сервиси, простор за младите и другите во Кочани.