Банки
Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишното генерално собрание на БИС

Во рамките на Годишното собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска присуствуваше на средбата на жените гувернери и заменици на гувернери на која се сретна со гувернерката на централната банка на Норвешка и заменик-гувернерките на Канада, Финска и Турција. На средбата беше истакнато дека иако минатата година инфлацијата бележеше надолен тренд, а финансиската стабилност беше задржана, и натаму е потребна внимателност.
Исто така, таа заедно со вицегувернерката Ана Митреска, разговараше и со гувернерот на централната банка на Италија, во врска со напредокот во пристапувањето кон СЕПА, но и за можноста за приклучување кон платежниот систем ТИПС на Европската централна банка, што може да обезбеди бројни придобивки во платежната сфера за нашите граѓани и компаниите.
На Собранието на БИС беа разгледани и усвоени најновиот Годишен извештај за работата на БИС и Годишниот економски извештај. Во Извештајот се нагласува дека политиките на централните банки ги ублажија последиците од кризите и овозможија задржување на стабилноста во економиите. Како приоритет на краток рок се нагласува потребата од задржување на ценовната стабилност, како и внимателноста при олабавувањето на монетарната политика. На долг рок, потребни се политики коишто ќе обезбедат финансиска и макроекономска стабилност, како и јакнење на фискалните позиции. Во рамките на структурните реформи за јакнење на економскиот потенцијал, се истакнува важноста од иновациите во дигиталната сфера во финансискиот систем.
Во рамките на Годишното собрание беа и панел-дискусиите каде што беа обработувани актуелните теми и предизвици со кои се соочува централнобанкарската заедница. Така, на Конференцијата се зборуваше за геополитичките движења и нивниот одраз врз макроекономијата, како и за нивното влијание врз инфлациските притисоци и монетарната политика. Исто така, беа разгледани и можностите и ризиците коишто ги носи дигиталната трансформација и употребата на вештачката интелигенција во работењето на централните банки, како и важноста од инвестициите во зелени финансии.
Средбите во рамките на Годишното собрание на БИС се од исклучително значење за справувањето со тековните предизвици, но и за подготовка за идните трендови во монетарната сфера, имајќи ја предвид улогата на БИС како банка на централните банки, како и улогата на меѓународната соработка за поддршка на монетарната и финансиската стабилност. Во тој контекст, гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Митреска остварија и бројни билатерални средби со повеќе свои колеги од централните банки членки на БИС.
Народната банка е полноправна членка на БИС со уште шеесет и две централни банки и монетарни власти од светот, коишто учествуваат и имаат право на глас на Генералното собрание.
Банки
Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје со одлуки за промени во составот и бројот на членовите на Управниот одбор

Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје, на денешната седница, донесе одлуки за ре-именување на постоечки член и именување на тројца нови членови на Управниот одбор. Со ова, Надзорниот одбор го утврди предлогот за зголемување на бројот на членови на Управниот одбор на Банката од досегашните четири, на пет члена во одборот.
Согласно наведените одлуки, Надзорниот одбор ја ре-именуваше Катерина Јанковиќ која е член на Управниот одбор на Банката, со нов 4-годишен мандат, почнувајќи од јануари 2026. Јанковиќ е докажан финансиски експерт со повеќе од две децении банкарско искуство во областа на корпоративното и малопродажното банкарство.
На истата седница Надзорниот одбор на Банката, со мандат од 4 години, ги именуваше Бојан Стојаноски, Драгиша Тадиќ и Кирил Бухов за нови членови на Управниот одбор, почнувајќи од јануари 2026. Членовите на Управниот одбор на Банката, Петер Зелен и Игор Давчевски ќе продолжат да ги извршуваат своите функции до истекот на нивниот мандат, односно до крајот на 2025 година.
Новоименуваните лица официјално ќе ги преземат функциите, членови на Управниот одбор на Банката, по добивање на согласност од Народната банка за именување на членови на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.
Кои се новоименуваните членови на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје
Бојан Стојаноски е банкарски експерт со над 20 години искуство на високо раководни позиции во банкарскиот сектор, во областа на корпоративното банкарство, управување со ризици, кредитирање, финансиски менаџмент и управување со средства. Во НЛБ Банка Скопје доаѓа од Стопанска банка АД Скопје, каде што од 2020 година е член на Управниот одбор и Генерален директор за управување со ризици. Во периодот од 2012 до 2019 година, работи во Халкбанк АД Скопје, најпрво како Заменик генерален директор задолжен за продажба, финансиски пазари и средства, а подоцна како Заменик генерален директор за кредитни ризици и финансии. Стојаноски е магистер по економски науки при Економскиот институт – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и има диплома по економија на истиот универзитет.
Драгиша Тадиќ доаѓа од НЛБ Комерцијална Банка, Белград, од позицијата Извршен директор за кредитни ризици, која ја извршуваше и во периодот помеѓу 2015 и 2020 година во НЛБ Банка, Белград. Од 2020 до 2022 година, тој е помошник на Управниот одбор на Комерцијална банка, Белград. Неговото искуство е поврзано и со лизинг операции. Тадиќ моментално е член на Надзорниот одбор на НЛБ Lease&Go, Белград, а до 2015 година работеше во ПроКредит Лизинг, Белград. Има диплома од универзитетот во Белград во областа на меѓународната економија и трговија, како и од универзитетот во Љубљана во областа на деловната администрација.
Кирил Бухов се приклучи на тимот на НЛБ Банка Скопје во јануари годинава како помошник на Управниот одбор. Професионалната кариера ја започнува во областа на телекомуникациите во 2001, а во банкарството преминува во 2006 година. До 2017 година работи во Халкбанк АД Скопје каде напредува до позицијата Директор на сектор за информациски системи. Бухов е дипломиран инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде завршува и магистерски студии по проектен менаџмент. Поседува богато искуство од областа на дигиталната трансформација, кибер безбедноста, банкарските операции и информациските технологии.
Банки
Одржана работна мисија на Светската банка во Народната банка: натамошна поддршка за унапредување на решавањето банки

Финансиски експерти од Центарот за советување за финансискиот сектор (ФИНСАК) при Светската банка остварија средба со гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и со надлежните тимови на Народната банка. На средбата се разговараше за досегашните и за идните активности во рамките на техничката поддршка којашто Центарот за советување за финансискиот сектор веќе подолг временски период ѝ ја дава на Народната банка.
Во фокусот на оваа техничка поддршка е операционализацијата на функцијата за решавање банки, во согласност со новиот Закон за решавање банки. Активностите во овој домен се насочени кон подготовка на упатства, работни процедури и алатки што ќе ѝ овозможат на Народната банка ефикасно и навремено да ги спроведува своите надлежности во оваа важна област. Станува збор за практична поддршка при градењето на капацитетите потребни за подготовка на плановите за решавање банки и при оценувањето на можноста за нивно решавање.

Покрај ова, како дел од пошироката соработка, се разгледаа и сегашните активности поврзани со управувањето со климатските ризици од страна на банките. Техничката поддршка од ФИНСАК во оваа област вклучува помош за подобрување на супервизорските пристапи преку вградување на климатските фактори во процената на ризиците на банките, како и за воспоставувањето на климатските стрес-тестови за банкарскиот систем.
Соработката на Народната банка со ФИНСАК е долгогодишна и од неа досега произлегоа значајни постигнувања, особено во делот на подготовката на подзаконските акти коишто произлегуваат од Законот за решавање банки. Решавањето банки претставува важен инструмент за заштита на финансиската стабилност, којшто овозможува контролирано справување со проблематични банки без нарушување на интересите на депонентите и на даночните обврзници. Народната банка и натаму активно ќе работи на зајакнување на регулативата и на институционалниот капацитет во согласност со најдобрите меѓународни практики, со цел да обезбеди сигурен и отпорен финансиски систем.
Банки
Макроекономската стабилност како поддршка за бизнисот – средба на гувернерот Славески со Стопанската комора

Народната банка е доследна во одржувањето на макроекономската стабилност како најсоодветен амбиент за водење бизнис и создавање поволни услови за раст и развој на домашната економија. За таа цел, централната банка секогаш води соодветни политики, коишто гарантираат стабилни и предвидливи услови. Ова беше посочено на денешната работна средба помеѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, којашто се одржа во просториите на Комората, во присуство на членови на Управниот одбор на Комората и на претставници на медиумите.
Банкарскиот сектор е стабилен, со историски висока капитална адекватност, што претставува значаен потпорен столб за економската стабилност и за економијата во целина. Во интерес на унапредувањето на финансиската вклученост и за зголемена ефикасност на банкарските услуги, Народната банка веќе ги презеде првите активности за намалување на надоместоците кај одделни банкарски услуги. Активностите ќе се одвиваат и понатаму, со цел да се унапреди пристапот до финансиските услуги за граѓаните и за компаниите.

Во рамките на денешната работна средба беше истакнато дека девизните резерви се стабилни и се движат меѓу 4,6 и 4,7 милијарди евра. Тоа претставува соодветно ниво, со оглед на тоа што резервите покриваат околу 4,5 месеци од увозот на стоки и услуги, односно над светскиот стандард од 3 месеци. Управувањето со резервите се врши внимателно, согласно утврдените принципи на сигурност и ликвидност, со постојан надзор од стручните служби на Народната банка.
Средбата заврши со заедничка оцена дека е неопходна поголема вклученост на институциите за поддршка на економијата, преку редовен и отворен дијалог, како и носење економски политики што се насочени кон реалните предизвици на деловната заедница.
- Банкипред 4 недели
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
- Банкипред 1 недела
Оставка на член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје
- Продуктипред 2 недели
Apple Pay доаѓа во Македонија: Подготовките се во тек, стартот се очекува наесен
- Банкипред 3 дена
Промени во составот на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје
- Останатопред 2 недели
Промени во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје
- Фондовипред 2 недели
Промени во Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје
- Продуктипред 2 месеци
Почни го летото со премиум поволности и поголеми бонуси со Visa Gold и Visa Classic од Комерцијална банка
- Продуктипред 1 месец
Халкбанк овозможува кредит целосно онлајн, без шалтер и документација