Шпанија е во финалето, Французите предоцна се разбудија

Шпанија е репрезентацијата што ќе се сретне со Португалија во големото финале од Лигата на Нации откако „црвената фурија“ во спектакуларното второ полуфинале славеше над Франција со неверојатни 5-4. Шпанците одиграа меч за паметење, имаа предност од 5-1, по што „триколорите“ во финишот успеаја само да го ублажат поразот од противникот кој претставува кошмар за нив во последно време.

Тео Хернандез ја погоди гредата по десетина минути игра при 0-0, по што почна шпанското торпедирање на голот на Мењон. Нико Вилијамс го постигна првиот гол на мајсторска асистенција на Ојарзабал, а на 2-0 зголеми Мерино. Со овој резултат се замина на одмор, а Јамал на самиот почеток од второто полувреме зголеми на 3-0. Следеше мајсторски гол на Педри за 4-0, Мбапе намали од пенал, но Јамал со својот втор гол на мечот ја врати предноста на „плус четири“ за Шпанците.

Французите до крајот намалија на 5-3 преку Шерки и Вивијан (автогол), во судиското продолжение стрелаше и Коло Муани на асистенција на Шерки за 5-4, но „триколорите“ намаа време за целосен камбек и Шпанија заслужено стигна до билет за големото финале.

„Триколорите“ ваков срам кога станува збор за одбраната не паметат цели 56 години, кога последен пат примија пет гола на еден натпревар. Тоа се случи на 12 март 1969 кога беа декласирани од Англија со 0-5, а Дидие Дешамп дефинитивно има причина да биде загрижен…

Се вчитува...