• Мартин Танасковски

Екипата на Тиквеш ја оствари целта, освои бод на гостувањето кај Шкупи (1-1) во претпоследниот дуел од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) и во последното коло ќе игра за престиж, затоа што опстаснокот е загарантиран.
Кавадарчани имаат подобар меѓусебен скор во дуелите со Беса од Добридол, па така, сигурни се на една од позициите кои носат опстанок. Во последната рунда, Брера и Беса ќе играат за опстанок, против Работнички, односно Пелистер.
Дуелот на „Чаир“ го одбележаа два гола во првото полувреме. Тиквеш поведе прв со погодокот на Даниел Миловановиќ од пенал во 39. минута, а три минути подоцна, во 42. минута, Демир Имери даде вистински еврогол со шут од далечина за 1-1. Тоа беше и конечниот резултат, иако во вториот дел и двата тима имаа шанси, а Шкупи имаше и поништен гол во 71. минута на Мехмед заради офсајд.
За Шкупи ова беше последен меч во ПМФЛ сезонава. Тимот заврши со 11 меча по ред без победа и е седмопласиран. Тиквеш, пак, е осмопласиран.