Свет

Русија ги засили безбедносните мерки на Крим по масовниот напад со украински дронови

По најмасовниот напад со украински дронови врз руски воени бази, руските сили значително ги засилија безбедносните мерки на окупираниот Крим, соопшти украинската партизанска група АТЕШ

Русија ги засили безбедносните мерки на Крим по масовниот напад со украински дронови

По најмасовниот напад со украински дронови врз руски воени бази, руските сили значително ги засилија безбедносните мерки на окупираниот Крим, соопшти украинската партизанска група АТЕШ (Оган).

Според нив, руската противвоздушна одбрана сега деноноќно патролира околу клучните воени аеродроми во Саки, Џанкој и Гвардејское.

Војниците се жалат на исцрпеност и недостиг од персонал, додека контролите на административната граница меѓу Крим и Херсонската област се дополнително заострени.

Нападот, извршен во ноќта од 1 на 2 јуни, беше насочен кон четири руски воени бази, при што беа користени 117 дронови. Според украински извори, уништени или тешко оштетени се најмалку 13 руски стратешки бомбардери, вклучувајќи ги Ту-95МС и Ту-22М3, со проценета штета од околу 6 милијарди евра. Операцијата, подготвувана од украинската служба за безбедност (СБУ) повеќе од година и пол, вклучувала криумчарење на дронови во Русија скриени во дрвени кабини на камиони. Нападите предизвикаа пожари и уништување на авиони во базите во Иркутската и Мурманската област. Руското Министерство за одбрана ја потврди штетата и соопшти дека дел од напаѓачите се уапсени.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече операцијата „брилијантна“, истакнувајќи дека е уништена или оштетена речиси третина од руската флота на стратешки бомбардери.

Украинската партизанска група АТЕШ е движење на отпорот основано во септември 2022 година, како одговор на руската инвазија врз Украина. Групата е формирана од Украинци и Кримски Татари и дејствува на окупираните територии на Украина, особено на Крим, но и на територијата на Русија.

To top