
Бразилската полиција во неделата објави дека спречила бомбашки напад планиран на историскиот концерт на Лејди Гага, кој привлече повеќе од два милиона луѓе на култната плажа Копакабана во Рио де Жанеиро во саботата ноќта.
Полицијата на сојузната држава Рио де Жанеиро, во соработка со Министерството за правда, објави дека заговорот бил организиран од група која пропагира говор на омраза и работи на радикализирање на тинејџерите, промовирајќи самоповредување, како и насилна содржина како форма на општествена припадност.
Според податоците од Градското собрание на Рио, на концертот на американската поп-ѕвезда присуствувале 2,1 милиони луѓе.
„Осомничените регрутирале учесници, вклучувајќи и малолетници, за координирани напади со употреба на импровизирани експлозиви и молотови коктели“, соопшти полицијата.
Министерството за правда објави дека организаторите на нападот се претставиле како членови на глобалната база на обожаватели на Гага, познати како „мали чудовишта“.
Полицијата ја спровела операцијата врз основа на извештај добиен од лабораторијата за сајбер операции на министерството и по дојава од разузнавачката служба на полицијата на државата Рио, која открила дигитални ќелии кои поттикнуваат насилно однесување кај тинејџерите користејќи кодиран јазик и екстремистичка симболика.
Маж опишан како водач на групата бил уапсен во јужната држава Рио Гранде до Сул за нелегално поседување огнено оружје, додека тинејџер во Рио де Жанеиро беше приведен откако во неговиот компјутер беше пронајдена детска порнографија.
Властите извршиле повеќе од десет налози за претрес и заплена во државите Рио де Жанеиро, Мато Гросо, Рио Гранде до Сул и Сао Паоло.
Лејди Гага одржа бесплатен концерт на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро во саботата ноќта пред 2,1 милиони луѓе, а концертот го обезбедуваа речиси 4.800 полицајци.
„Ми претставува огрмна чест што сум тука со вас вечерва. Срцето ми е преполно. Среќна сум, горда и длабоко благодарна“, рече 39-годишната американска пејачка на сцената. „Ти благодарам, Бразил. Те сакам засекогаш!“, порача Гага.
Двочасовниот концерт беше најавен како најголем во нејзината кариера. Концертот беше дел од серијата концерти наречени „Todo Mundo no Rio“ (Сите во Рио) преку кои градските власти ги носат меѓународните ѕвезди во нивната метропола.
Лејди Гага го откажа својот планиран настап на музичкиот фестивал „Rock in Rio“ во 2017 година поради здравствени причини. Таа рече дека Бразилците чекале повеќе од 10 години од нејзиниот последен настап во земјата и дека ќе даде сѐ од себе.
Според градските власти, концертот привлече речиси 500.000 туристи во градот, повеќе од двојно од очекуваниот број. Градските власти очекуваат градот да заработи 106 милиони американски долари од концертот.