Со вештини и знаење за одржливо вработување ќе се зајакнуваат ранлиивте категории, млади жени и лица со попреченост
- Обезбедување вештини и знаење за одржливо вработување на жените, особено на оние кои не се вклучени во процесот на образование и обука и лицата со попреченост, што ќе им овозможи активно вклучување на пазарот на труд и градење на економската самостојност е целта на проектот „Црн лебед“, на Импакт Хаб од Австрија и фондацијата „Сизигија“.

Скопје, 5 јуни 2025 (МИА) - Обезбедување вештини и знаење за одржливо вработување на жените, особено на оние кои не се вклучени во процесот на образование и обука и лицата со попреченост, што ќе им овозможи активно вклучување на пазарот на труд и градење на економската самостојност е целта на проектот „Црн лебед“, на Импакт Хаб од Австрија и фондацијата „Сизигија“.
Во рамките на проектот, денеска во Скопје се одржа форум, кој според министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, е важна платформа за дијалог, соработка и заедничко планирање.
- Но, пред се, тој е потсетник дека ниту една институција, организација или поединец не може самостојно да изгради инклузивно општество. Потребен е здружен напор, јасна визија и конкретна акција на сите, рече Лимани.
Според него, потребно е да бидеме промената за досегашната состојба за луѓе кои биле на маргините, а денес ги поставуваме во центарот на вниманието, со акцент на младите жени и лицата со попреченост преку обука, пракса и активно вклучување во работниот процес.
Изрази уверување дека инклузијата не е само обврска, туку е неопходна за сите нас.
- Затоа сме тука да создадеме механизми, партнерства и решенија, кои ќе ја охрабруваат еднаквата шанса за сите. Да изградиме општество каде што различностите не се пречка, туку ќе бидат сила за сите, нагласи ресорниот министер.
Министерството за социјална политика и демографија и млади, подвелече, посветено работи на креирање политики насочени кон целосна социјална и економска инклузија, преку стратегии, програми, поддршка, субвенционирани мерки за вработувања, соработка со локалните заедници и граѓанските организации, како и на воспоставување систем, кој не само што ги препознава потребите на ранливите групи, туку активно ги отстранува пречките за нивно учество во јавниот и економскиот живот.
Раководителот на билатералниот сектор при Федералното министерство за социјални работи, здравје и заштита на потрошувачи од Австрија, Андреас Шалер смета дека меѓународната солидарност станува многу важна во време кога социјалната нееднаквост се зголемува секаде во светот.
- Не смееме да стоиме и да гледаме како сиромаштијата се зголемува насекаде во светот. Мораме да делуваме и тоа е обврска на сите нас, нагласи Шалер.
Австриското министерство за социјални работи, подвлече, поддржува разни проекти во земјава, со цел намалување на сиромашитијата, унапредување на професионалното вклучување и подобрување на стандардите за живот.
- „Црниот лебед“ се занимава со клучни проблеми поврзани со сиромаштија и невработеност на жените, особено на оние кои не се вклучени во процесот на образование и обука и маргинализација на луѓето со попреченост во Северна Македонија. Овој проблем се адресира за обезбедување вештини и знаење за одржливо вработување на целната група. Во рамките на проектот се користи еден иновативен пристап, а тоа е интитуираната рамка за соработка за да се адресираат повеќе предизвици за целната група. Овие мерки се клучни за спроведување на агендата на ООН за одржлив развој 2030, рече Шалер.
Харалд Бреза-Фугер, аташе за социјални работи при Федералното министерство за социјални работи, здравје и заштита на потрошувачи од Австрија во Австриските амбасади во Тирана и Скопје, истакна дека „Црн лебед“ работи со млади жени што не се вработени, не се во образование и со лица со попреченост.
- Стапката на невработеност на жените во Македонија е многу ниска, меѓу другото и поради традиционалните обврски за нега што им се препишуваат на овие категории. За младите жени што не се вработени, не се во процес на образование или обука, ризикот од сиромаштија е многу висок и често остануваат во насилни врски поради недостигот од економска независност. За лицата со попреченост нивото на квалификации и стапката на вработеност се исто така многу ниски. Многу ограничен број лица работат во примарниот пазар на труд а некои од нив работат и во специјализирани работилници, забележа Бреза-Фугер.
Тој потсети и на една од препораките во скрининг извештајот за државава од страна на ЕУ, а тоа е, вели, да се подобри вклучувањето на ранливите групи во сите области од животот и да се избегне секоја форма на дискриминација. сс/вг/
Фото: МИА