Кога на мејл ни пристигна промото за новиот албум на Д.Н.О. наречен „Вистински”, наместо да го „копи-пејстираме“ прес-материјалот како многумина други, решивме да си дадеме време и простор да го преслушаме и доживееме албумот онака како што заслужува – со целосно внимание и отворено срце.
Од 1999 година Д.Н.О. поминале низ многу промени на составот, а во бендот членувале одлични инструменталисти и музичари од највисок ранг. Сегашниот состав е Владимир Поп Христов – Мио (вокал и бас), Бодин Попов (тапани), Петар Лукиќ (клавјатури), Филип Попов (гитара) и Гордан Попов.
Пред да ги споделиме нашите впечатоци, ве покануваме и вие да го доживеете овој албум, кој уште еднаш потврдува зошто Д.Н.О. се сметаат за мајстори во разголувањето на човечката душа преку музиката.
Ова се нашите први, непосредни впечатоци од албумот. Одлучивме да ги запишеме веднаш по првото слушање, а често и паралелно со слушањето – верувајќи дека токму тие сурови, нефилтрирани емоции се најискрени. Иако знаеме дека со секое следно преслушување ќе откриваме нови слоеви и значења, има нешто посебно во тој прв контакт со музиката – кога срцето реагира пред умот да стигне да анализира.
Љубов моја голема
Првите амбиентални звуци нè внесуваат во еден познат, а сепак нов свет на Д.Н.О. Иако првичниот впечаток навестува Synth-Pop или Dream-Pop атмосфера, музиката набрзо открива многу подлабоки слоеви. Како што песната се развива, препознаваме елементи на арт и психоделичен рок кои се типични за бендот, но овојпат звучат некако поинтимно, посурово.
Околу четвртата минута, во паузите помеѓу главните делови, нè изненади препознатливиот даб ритам што потсетува на The Police – ритам секцијата мајсторски балансира помеѓу различните влијанија. А кога ќе се надоврзе рефренот „Тоа ме убива…” со „Љубов моја голема”, емоцијата едноставно експлодира. Гласот на Владимир, со својот препознатлив тон, ја носи сета тежина на текстот.
Експлозија
„Црн ѓавол ја обви мојата душа…” – стихот најавува нешто помрачно, посурово. И навистина, веднаш нè преплавува силен бран на психоделичен рок со елементи на есид звукот. Структурата на песната потсеќа на Архангел – особено во начинот на кој вокалите се испреплетуваат со ритмичката основа, создавајќи постојана тензија помеѓу искачувањата и спуштањата. Соло делниците на гитара и клавијатури буквално експлодираат од енергија, додека ритам секцијата, особено подинамичните тапани, ни ги распукува градите. „Експлозија!” – навистина, не можеме да најдеме подобар збор за оваа нумера.
Никола Серафимовски во јануари годинава создаде нешто што навистина може да се нарече пионерски потфат во македонската музичка видео продукција – според нас – прв целосен музички спот креиран со помош на вештачка интелигенција (иако не беше промовиран така). Подоцна видовме и други обиди за примена на AI во домашни музички видеа, промовирани како први, како оној од април (кој всушност беше повеќе колаж од статични слики)… Но, да се вратиме на албумот.
Вистински
Насловната песна на албумот нè поведе на патување. Замисли се како возиш некаде далеку, со прозорците спуштени и музиката до даска – нешто како домашна верзија на Road Trippin’. Песната едноставно тече, слободна како самиот пат пред тебе.
На прв поглед звучи едноставно, но колку повеќе ја слушаме, толку повеќе слоеви откриваме. Тука се скриените фанк елементи (кога сме веќе кај RHCP), електронските додатоци, па дури и суптилно вметнати скречови и семплувани вокали во позадината. Д.Н.О. демонстрираат вистинска виртуозност во мешањето на жанровите – создаваат нешто што е не може да се стави во еден калап.
А можеби токму тоа е поентата на „Вистински” – да биде слободна, да вози и вози, без да се грижи за граници и дефиниции…

Медот
Четвртата нумера навидум прави пресврт кон поп музиката – се движи некаде помеѓу алт рок и електро, но синт-поп елементите со фанк додатоци доминираат во звукот. „На љута рана, љута трава…” пее Мио, додека ритам секцијата повторно гради цврста основа што ја држи целата структура.
Текстот за некој „со рачето во Медот” нè стави пред дилема. Познати по своите интимни, љубовни текстови, Д.Н.О. овде како да навлегуваат во поинакви води – можеби општествена критика? Или можеби метафора за нешто подлабоко? Првичното слушање нè остави со повеќе прашања отколку одговори.
Признаваме, на прво слушање песнава ни се чини како „filler” во контекст на албумот. Но, можеби токму тоа е предизвикот – дека бара повеќе слушања за да ги откриеме сите нејзини слоеви и значења?
Дамата во бело
Со првите тонови на пијаното, петтата нумера нè внесува во поинаков свет. Мелодиската нишка што ја плете клавијатурата се испреплетува мајсторски со гитарата. „Дали ме слушаш…” – како да нè прашува Владимир, потсетувајќи нè дека оваа песна бара нашето целосно внимание. „Луѓе мои најмили… Души полни насмевки” – стиховите лебдат над џез-обоената мелодија, надополнети со суптилни рок елементи.
Д.Н.О. повторно демонстрираат едно од најтешките музички умеења – да создадат комплексна композиција што звучи едноставно и „питко“.
Месија
Звукот на црковни ѕвона во почетокот создава мистична атмосфера, проследена со бас линија во улога на ритам-машина, што потсетува на песна од Pink Floyd. Овој експериментален почеток нè остава да се прашуваме дали следи електронска композиција, но гитарата набрзо нè враќа во познати води.
Влијанието на Архангел е забележливо – од начинот на пеење и композицијата, начинот на кој се вклучуваат тапаните во композицијата и изборот на насловот. Но, Д.Н.О. стојат цврсто и самостојно на својата патека во историјата на македонската музика. „Разбуден ти се смеам. Натопен во крв” – стиховите одѕвонуваат моќно, додека зборот Господ/Бог, кој се провлекува низ целиот албум, овде добива централно место. Моќна рок песна.
Лотус
Низ акустичната гитара и смирениот почеток, последната песна од албумот доаѓа како нежно будење. Хармоничните вокали нè носат во попитома територија, каде инди-рок звукот се меша со психоделични и фанк елементи што потсетуваат на бендот Khruangbin.
Песната тече мирно и непретенциозно. „Лотус” носи светлина и спокој. Совршен избор за затворање на еден достоен албум за бенд како Д.Н.О. кој треба да се преслушува повеќе пати.
„Животот е јасно привидение…“
Да многу добро се опишани нумерите со добри и прецизни споредби. Што се однесува до музиката и текстовите на новиот албум на Д.Н.О. , несомнено е дека провејува нов звук до точно нагласени моменти кои ги држат песните напнати до самиот крај. Тоа се приметува дури и кај баладите . Во некои од песните текстовите при првото преслушување се неразбирливи па дури и двосмислени , но со повеќе патни преслушувања , се стига до поентата и слушателот го разбира текстот онака како што го замислил писателот. Во секој случај добро скоцкан албум кој дефинитивно и требаше на македонската рок сцена.