Директорот на Фудбалската федерација на Македонија Горан Пандев во интервју за „Фотмоб“ говореше за неговите очекувања од квалификациите за пласман на СП 2026.
Како што вели Пандев, тој верува во нашата репрезентација во овие квалифкации, а говореше и за неговиот однос со селекторот, Благоја Милевски.
„Би го опишал нашиот однос како професионален. Тој е актуелен селектор на репрезентацијата и новото раководство предводено од претседателот Омерагиќ му ја даде целосната поддршка. Исто така, тој ги започна квалификациите за СП 2026 добро и се надевам дека ќе не израдува и ќе не одведе на наше прво Светско првенство. Но, тој сам си ја креира судбината, бидејќи резултатите се огледало на работата на селекторот и му посакувам среќа. Верувам во позитивни резултати, но истовремено сметам дека овие неколку претстојни натпревари ќе бидат најтешките досега, бидејќи доаѓаат на крајот од сезоната. Иако тоа повеќе важи за Белгија отколку за нас, затоа што тие имаат многу повеќе фудбалери од светска класа кои настапуваат во најсилните европски лиги. Тие се фаворити, нема сомнеж во тоа, но јас верувам во нашиот состав и покажавме и против Лихтенштајн и против Велс дека поседуваме квалитет. Со помош на нашите навивачи, можеме да се надигруваме со Белгија и се надевам дека стадионот ќе биде полн за да ги поддржи момците“, изјави Пандев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА