Меѓу присутните на венчавката, како што пренесуваат светските медиуми, се очекуваат бројни светски познати личности, како шефови на големи меѓународни компании, боливудски ѕвезди, поп-пејачи и политичари.
Амбани (66), претседател на нафтениот и телекомуникациски гигант „Релајенс индустрис“, е најбогатиот човек и во Азија, според списокот милијардери на „Форбс“. Неговото богатство се проценува на повеќе од 114 милијарди долари. Тој и неговата сопруга Нита, придружувани од нивниот син Анант и неговата свршеница беа домаќини на почетокот на прославите во градот Јамнагар во индиската сојузна држава Гуџарат.
Анант Амбани (28), кој е член на управните одбори на неколку компании во сопственост на „Релајенс“, годинава треба да се ожени за Радика Мерчант - ќерка на индиски индустријалец.
Амбани, инаку, веќе ја организираше најскапата венчавка во Индија, за својата ќерка Ajшa, во 2018 година, којашто чинеше 100 милиони долари, со концерт на американската поп-ѕвезда Бијонсе.
На прославите за синот на богаташот ќе настапат пејачката Ријана, илузионистот Дејвид Блејн и боливудската ѕвезда Диџит Досанџ. Меѓу истакнатите гости ќе бидат основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, директорот на „Мета“, Марк Закерберг и неколку политички лидери - сегашни и поранешни, според списокот на гости што го пренесуваат тамошните медиуми. Се очекува да дојдат и Иванка Трамп, ќерка на поранешниот американски претседател Доналд, поранешните шведски и канадски премиери Карл Билт и Стивен Харпер, Кралот на Бутан и боливудските ѕвезди Амитаб Бачан и Шахрух Кан.