Никола Ристановски награден за најдобра машка улога

7 септември 2022

Македонскиот народен театар на 1 септември со претставата „Народен непријател" од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, го отвори 9. театарски фестивал „НОВ ТВРДИНА ТЕАТАР", која се одигра на сцената на „Српско народно позориште", Нови Сад - Србија.

Во официјалната програма учествуваа 6 претстави од најголемите театарски куќи од регионот, а во чест на наградените, вчеравечер се одигра претставата „Љубов и вина", во режија на уметничката директорка на фестивалот, Вида Огњеновиќ.

Жири-комисијата во состав: Ласло Блашковиќ, писател (претседател на жирито), Јована Балашевиќ, актерка, и Ивана Ѓуриќ Пауновиќ, литературен преведувач, едногласно одлучија наградата за најдобра машка улога да се додели на Никола Ристановски за улогата на Др. Томас Стокман, во претставата „Народен непријател" во режија на Нина Николиќ, а во продукција на Македонски народен театар.
Претставата „Народен непријател" на 5 ноември ќе гостува и во Италија.

За Никола Ристановски...

Ристановски е роден во чешкиот град Острава на 23 јануари 1969 година, а кога имал 7 години, со семејството се преселил во Тетово. Во средното училиште, членувал во драмската секција. Во тоа време, наговорен од професорката Нада Гешоска, тој учествувал на натпревар во Осиек, Хрватска на кој Ристановски и неговите колеги се претставиле со "Злосторство и казна" од Достоевски и ја освоиле првата награда на жири-комисијата, предводена од Фабијан Шоваговиќ. Воден од тој успех, Ристановски се определил да студира глума, но бил трипати одбиен на приемниот испит на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што паднал уште во првата година на студиите. Сепак, подоцна, уште како студент бил повикан да игра во една театарска претстава, што било признание за неговиот талент. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра во 1993 година.
По завршувањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Ристановски станал дел на Македонскиот народен театар во 1994 година.

Првата професионална претстава во Македонскиот народен театар му била "Жорж Данден", во режија на Бранко Ставрев, по што следувала улогата во "Снежана и седумте џуџиња" на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски. Две години подоцна, Ристановски блеснал со улогата во култната претстава "Буре барут". Во текот на својата кариера, Ристановски играл во 41 претстава и во 15 филмови при што освоил 28 награди, со што тој е најнаградуваниот македонски глумец. Најмногу соработувал со Александар Поповски (10 претстави и 3 филма), а најмногу настапи имал во претставата "Буре барут" (над 150 настапи). Исто така, Ристановски имал богата кариера и во странство, каде што играл во популарните и наградувани претстави "Господа Глембаеви" и "Дервишот и смртта". Во 2016 година, Ристановски настапил во филмот „Игла под прагот" на црногорскиот режисер Иван Мариновиќ.

 

Објавено:
7 септември 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
172 пати