Театар Провокација со претставата „Земја на штркови“ на турнеја во регионот
- Независниот театар Театар Провокација со претставата „Земја на штркови“ ќе има неколкудневна турнеја низ регионот, која почнува утре со учеството на фестивалот „Друмеви театрални празници“ во Шумен, Бугарија. Од 15 мај до 18 мај предвидени се и гостувањата во Србија, низ градовите: Белград, Вршац и Јабука.

Скопје, 12 мај 2025 (МИА) - Независниот театар Театар Провокација со претставата „Земја на штркови“ ќе има неколкудневна турнеја низ регионот, која почнува утре со учеството на фестивалот „Друмеви театрални празници“ во Шумен, Бугарија. Од 15 мај до 18 мај предвидени се и гостувањата во Србија, низ градовите: Белград, Вршац и Јабука.
- Претставата „Земја на штркови“ е за големиот бран на иселување на младите луѓе од својата татковина. Оваа претстава и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот – разделен пред 20-тина години, а другиот – го живее моментот на разидување од истите причини, соопшти Театар Првокација.
Освен големиот бран на иселување на Македонците во последниве неколку години, претставата „Земја на штркови“ е и за очајната потреба од системски промени, како главна причина за заминување на младите во поразвиените земји.
Скопската публика оваа претстава имаше можност да ја погледне минатиот месец во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Во претставта играат: Мирјана П.Ристов, Радо Алексовски, И.Јакимова и Р. Ристов. Текстот е работен по мотиви од „Топлината во ноември“ од Јана Добрева.
Костимите се на Елена Лука, автори на музиката се Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, а вокалот е на Вера Милошевска - Љубојна. За сценските движења е задолжена Кренаре Невзати, а адаптацијата на текстот, сценографијата и режијата се на Роберт Ристов.
Досега Театар Провокација ги реализираше следниве претстави: „Скандал“, „Ожени ме“, „Разведи ме“, „Пациенти“, „Земја на штркови“, како и претставите за деца: „Веселиот Дедо Мраз“, „Како ли да го задржам Дедо Мраз кај нас“, „Зеленковци“, „Јас сум Акико“, „Другарство“, „Штурците и мравките“.
На 9 април годинава во МКЦ беше изведена јубилејната 50-та изведба на претставата „Разведи ме“ во режија на Роберт Ристов. Во претставата играа актерите Мирјана Ристов и Роберт Ристов, а во видеата, кои се дел од дејствието учество земаа: Зорица Панчиќ, Благоја Чоревски – Чоре и гостинот од Бања Лука - Љубомир Свановиќ.
Театар Провокација учествувал и на два фестивала: Фестивал на балканската независна театарска сцена „Провокација“ и Фестивалот на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ – Неготино. мд/са/
Фото: Театар Првокација