Денеска на социјалните мрежи Петар Богојески објави дека има „надградба на коалицискиот договор“, а колку тоа има врска со реалноста ќе видиме во идниот период.
Богојески си заминува од позицијата директор на Националната агенција за европски и образовни прашања по директива од Брисел. Инфомакс уште пред неколку недели доби информации дека до Министерството за образование и наука и Националната агенција за европски и образовни прашања дека имаат рок од 30 дена да исполнат низа таксативно наброени услови доколку не сакаат суспензија или целосно затворање на агенцијата во Македонија и прекин на поддршката од Брисел.
Меѓу условите, според нашите извори е и промена на директорот, Петар Богојески, кој денеска соопшти дека поради „надградбата на коалицискиор договор“ си заминува од таа позиција.
Како што дознава Инфомакс на 25 мај во МОН добиле писмо од Европска комисија, дека имаат 30 дена рок за агенцијата да не добие суспензија да ги спроведе корективните мерки, покрај забелешката за промена на директорот, од Брисел не се задоволни и дека не е покренат случај за злоупотреба на 2,2 милиони, пари кои се испумпувани пари од повеќе училишта преку една организација.
Медиумите претходно во 2024 година пишуваа за поврат на 2,2 милиони евра кој ќе треба да го изврши Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за средства злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“.
Националната агенција, минатата годинс добила известување за конечност на одлуката откако претходно на 30 ноеври 2023 година по електронска пошта од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) биле информирани за барањето за поврат.
Оваа информација тогаш ја соопшти тогашниот директор на Агенцијата, Марко Ѓоргиевски.
Што следува доколку нашата држава не ги исполни условите од Брисел? До 2027 нема да имаме средства кои инаку ги добиваме од ЕУ, освен средствата за плати на вработените. Дополнително ангажираните со договор за дело ќе останат без работа, бидејќи за нив нема да добиваме средства за исплата на платите.
Исто така можно е Брисел да бара да се вратат средствата кои ги добиваме од 2020 година до денес, што е околу 7 милиони евра годишно или 35-40 милиони евра.
Инфомакс претходно испрати прашање до Европската Комисија, оддел за образование, дали е точно дека Брисел бара промена на директорот и дали ни се заканува целосно затворање на Канцеларијата. Оттаму добивме одговор дека прашањето е примено и се бараат информации, но одговор до овој момент не добивме.
„Неофицијалните муабети“ во МОН се дека како замена за Богојески на таа позиција ќе биде назначен поранешен директор, со кој веројатно повторно ќе има проблем бидејќи средствата кои претходно ги спомнавме, а Македонија ги враќаше во Брисел, се од време на неговото претходно директорување.
Инаку, согласно Законот за основање на Националната агенција за европски и образовни прашања, Управниор одбор го назначува директорот.
За избор на директорот се објавува јавен оглас во најмалку три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Македонија од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
Директорот се избира за време од пет години и може повторно да биде избран само уште еден мандат.
За директор на Националната агенција може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:
1) е државјанин на Република Македонија;
2) во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна
или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност;
3) има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование
и
4) има минимум пет години работно искуство;
5) поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за
активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
- ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода,
- ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
- ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,
- ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
- БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
- АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2).
Дали за нов директор ќе биде назначен еден претходен директор останува да видиме, како што останува да видиме и дали работата на Националната агенција ќе биде суспендирана, или канцеларијата ќе биде целосно затворена, а дополнително ќе треба да враќаме пари кои сме ги добивале од ЕУ.
Останува отворено и прашањето дали во македонското Обвинителство некој ќе покрене постапка за претходните средства кои ЕУ смета дека се проневерени, а за кои веќе има кривична пријава.
И додека во МОН се калкулира, ние можеме да останеме без дел од европските пари наменети за образование, да враќаме пари и да бидеме уште еден пример во Брисел за тоа како една држава не треба да работи.