„Јавниот повик бр: 05/2025 ги покрива инвестициите за набавка на машини за разбивање на мраз, за набавка на системи против замрзнување, за заштитни мрежи и заштитени фолии, за набавка на опрема за систем за наводнување-капка по капка, конструкција на бунари и други зафати на површина вода, како и за инвестиции во опрема за воспоставување на електрични огради во пчеларник за заштита од дивеч“, се наведува во соопштението од МЗШВ.
Јавниот повик бр: 06/2025, како што се наведува, се однесува на набавка на приклучна земјоделска механизација, а јавниот повик бр: 07/2025 ги покрива инвестициите во опрема за производство на храна од животинско и/или неживотинско потекло од мал обем и инвестициите во опрема за производство на вино, алкохолни пијалоци и пиво од мал обем.
„За сите три јавни повици максимална вредност е 600.000,00 денари по корисник. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво“, велат од МЗШВ.
Право на аплицирање имаат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Законот за земјоделство и рурален развој. Крајниот рок за доставување на барањата е 11 јули 2025 година.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство истакнуваат дека продолжуваат со поддршката за модернизација на земјоделскиот сектор, со што ќе се допринесе во подобрување на квалитетот на производите и зголемување на приходите.